• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски на митинзи во тетовскиот регион: ВМРО-ДПМНЕ има друг концепт за државата зад кој стои тој и Гордана Силјановска Давкова

Мицкоски на митинзи во тетовскиот регион:  ВМРО-ДПМНЕ има друг концепт за државата зад кој стои тој и Гордана Силјановска Давкова

Тетово, 9 април 2024 (МИА) - Во тетовскиот регион ВМРО-ДПМНЕ денес одржува митинзи за промоција на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во Теарце, Јегуновце и Брвеница.

Партискиот лидер, Христијан Мицкоски кој беше на митингот во Теарце рече дека ВМРО-ДПМНЕ има друг принцип и концепт за државата зад кој стои тој и Гордана Силјановска Давкова. Според него Стево Пендаровски иако ја има паролата „наш претседател“, нема да биде претседател на сите граѓани, оценувајќи дека ги дели граѓаните на наши и ваши.

Според него наместо ветувањата на власта од пред 6-7 години дека ќе донесе живот за сите, тоа е направено само за малкумина односно за првите луѓе во власта на СДС и ДУИ.

- Ќе се сетиме оние обоени шарени револуционери кои шетаа со парола „Нема правда, нема мир“ и велеа дека ќе донесат живот за сите и дека ќе направат едно општество за сите. По тие 6-7 години резултатите од тие нивните прошетки се сè уште забележителни низ Македонија, сè уште остануваа објектите сопственост на граѓаните, на владата неисчистени ширум Македонија коишто ги бојадисуваа, штетите по идентитетот, по општеството и по стандардот на граѓаните се огромни, а од паролата ќе донесеме живот, донесоа живот за малкумина, за себе, за оние првенци во владата на СДС и ДУИ, а од паролата едно општество за сите се претвори во едно општество само за нас, рече претседателот Мицкоски и додаде дека таква парола имал и сегашниот кандидат за претседател на СДС, Стево Пендаровски, рече Мицкоски.

Претседателот Мицкоски потсети дека стратегијата на ДУИ е опишана со три збора „Како до сега“.

-Денес Македонија е украдена држава или уште повеќе да бидам прецизен подарена држава. Неспособниот Ковачевски, измеќарот Ковачевски ја подари Македонија на тацна на Али Ахмети. Во изминатите повеќе од 20 години ја практикуваа паролата како до сега не направија ништо подобрувајќи го стандардот и квалитетот на граѓаните. Стратегија на ДУИ е опишана со три збора „Како го сега“. Таа стратегија подразбира Артан Груби да почнува да стекне имот за сопственото семејство и да купува недвижнини во центарот на градовите низ Македонија. „Како до сега“ начинот на владеење на ДУИ е начин да министерот за надворешни работи, Бујар Османи патува низ светот и распродава парче по парче дел од македонскиот идентитет, небаре го наследил од неговите дедовци. „Како до сега“ принципот на владеење на ДУИ подразбира да во Зајас никнуваат хациенди каде што живее Али Ахмети небаре е некој блискоисточен шеик. Тоа е принципот на владеење како до сега. Јас се борам додека сум жив против овој начин на пустошење, пљачкање, понижување и засрамување на нашата Македонија, порача Мицкоски.

Во Теарце и во Јегуновце се обрати и носителката на листата со кандидати за пратеници Дафина Стојаноска.

-Пред седум години кога ја узурпираа изборната победа, кога ветуваа едно општстево за сите, тандемот Ахмети и Заев беа како на седмо небо.Пет години потоа седмото небо им се растури и се појави нов тмурен облак кој потврди дека и од лошото имало бетер.  Морало да се предаде сопствениот народ, морало да се коленичи пред друг народ,морало да се биде понизен. Доста е од играање по туѓи ноти. Доста е таа нивната, време е за нашата. Време е за Македонија повторно да биде своја, време е Македонија повторно да биде горда, рече Стојаноска. ас/нд/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан