• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Македонските компании на осмо место по плаќање највисока струја во Европа

Мицкоски: Македонските компании на осмо место по плаќање највисока струја во Европа
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) – Македонската индустрија,  стопанството, македонските  компании плаќаат убедливо најскапа струја споредено со нивните колеги во регионот и тоа  го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика и од Еуростат за првата половина од 2022 година, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања, опозицискиот лидер рече дека иако Владата често вели оти повеќе од 72 илјади компании добивале повластена цена на струјата, нашите компании се осми на скалата по највисока цена во Европа. -Невистина е дека Владата ги поддржува компаниите. Од 40 држави колку што се на ранг-листата на Еуростат, македонските компании се осми по висината на цената која ја плаќаат за струја. Тие тоа не можат да го издржат и затоа голем дел од нив ќе банкротираат, ќе го затворат својот бизнис, многу работници ќе останат без работа, тоа нивните семејства ќе ги втурне во неизвесност. А кога еднаш ќе затворите бизнис, многу тешко ќе го рестартирате, па дури и задутре да помине кризата, истакна Мицкоски по поставување камен-темелник за нова градинка во општина Бутел. Во првата половина од 2017 година, кога тој управувал со АД Електрани на Македонија, рече, македонските компании плаќале четврта најниска цена за струјата или речиси два и пол пати помалку отколку што плаќаат сега. - Значи, за пет години оваа Влада, којашто ветуваше живот и укинување на скапата тарифа итн., за македонските компании и македонското стопанство, според Еуростат, цената на струјата ја покачи за два и пол пати, додаде Мицкоски. Прашан за аферата „Броило“ која ја објави ВМРО-ДПМНЕ, тој одгвоори  дека „некој добро се офајдува и добива помош врз грбот на граѓаните во време на енергетска криза“ и дека „аферата има вредност од 26 милиони евра“. -Наместо да им се помага на граѓаните и стопанството, некој добива пари од државата како поддршка за инвестиции, за равој, а од друга страна злоупотребува државни тендери, се тргува со влијание. Сето ова е голем скандал и повикувам медиумите да го истражат. Јас можам да предупредам дека за сето ова ќе има одговорност. Вчера, колку што видов, еден од учесниците во овој скандал доби кривична пријава за еден таков тендер во општина Гази Баба, за јавно осветлување. Така што, внимателно го следиме целиот случај и по ослободување на Македонија и институциите од оваа влада, јас лично детално ќе се занимавам со сето ова. Постои основано сомневање за сторен криминал и доколку тоа се потврди, во судска постапка ќе мора луѓето да одговараат, зашто не може во услови на голема енергетска криза некој да профитира на грбот на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. хс/aa/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан