• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Верувам во 44-те пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и тие се гарант дека уставните измени нема да поминат

Мицкоски: Верувам во 44-те пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и тие се гарант дека уставните измени нема да поминат

Скопје, 27 јули 2023 (МИА) - Ако имаа двотретинско мнозинство, уставните измени ќе беа веќе на маса. Јасно е дека немаат две третини,  рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на општина Петровец. Тој верува дека 44-те пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се единствениот гарант оти ваквите уставни измени нема да поминат

-Сега веќе борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени, туку како да го поминат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста бидејќи се под избори, за избори на есен. А избори на есен за дел од владините министри кои се дел од помалиот коалициски партнер СДСМ ќе значи крај на нивната политичка кариера. Но, исто така и за дел од министрите кои се дел од ДУИ ќе значи исто крај на нивната политичка кариера, бидејќи силно верувам дека ќе бидат непријатно изненадени од резултатот кој ќе се случи доколку тие избори бидат на есен предвремени, кажа Мицкоски. 

Откако ќе се премости август и септември, според Мицкоски ќе биде беспредметно барањето за предвремени парламентарни избори.

- Во март, април имаме редовни претседателски. Овде веќе не барајте политика, туку ситно лично политикантство како да бидат на функција уште неколку месеци, да крадат, да местат тендери во четири очи, да ги управуваат возилата на комшиите, пријателите, рече Мицкоски, додавајќи дека новата влада планира да ги истражи сите овие индиции. 

Во врска со случаите кои кај нас ги истражува европска агенција ОЛАФ, Мицкоски посочи дека ја видел статистиката која покажува дека половина од нив се однесуваат за нашата држава.

- Ние за тоа зборуваме шест години, дека оваа Влада на ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ, силно е вплеткана во криминал и корупција. Добро е што на нашите партнери од Европа им станува се појасно и добро е и тие што ќе се занимаат со оваа истрага. А идната влада на ВМРО-ДПМНЕ и органите кои таа ќе ги има под свое управување, ќе истражуваат заедно со оваа агенција, нагласи Мицкоски.

Тој потенцира дека сите кои злоупотребиле народни или европски пари, треба да бидат изведени пред лицето на правдата.

-Индиции за таков криминал имаме во стотици случаи, подвлече лидерот на најголемата опозициска партија.

Во врска со спојувањето на концесиите за рудниците Иловица-Штука, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во Владата се махери за да создадат проблем.

-Јасна е позицијата таму. Станува збор за бизнис интереси на оваа Влада пред се тука мислам на поголемиот партнер во Владата, ДУИ. Повторно не можам да разберам зошто СДСМ ги брани бизнис интересите на ДУИ во Струмица, но времето ќе покаже која била вистината, рече Мицкоски. 

Мицкоски најави дека ситуцијата во врска со рудниците дополнително ќе се решава од идната влада. ир/ац/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан