• недела, 19 мај 2024

Мицкоски и Пецаков на увид во градежните активности за изградба на канализациската мрежа во охридското село Лакочереј

Мицкоски и Пецаков на увид во градежните активности за изградба на канализациската мрежа во охридското село Лакочереј

Охрид, 16 февруари 2024 (МИА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска беше во работна посета на охридско, каде заедно со градоначалникот Кирил Пецаков извршија увид во градежните активности на изградбата на фекална канализациска мрежа во селата Горно и Долно Лакочереј и областа Орман.

Станува збор за проект вреден околу 30 милиони денари, од кои Општина Охрид обезбедува 22 милиони денари од сопствени средства, а останатите осум се преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во оваа прилика истакна дека се работи за особено важен инфраструктурен проект за локалното население, ветување што не било реализирано со децении.

- Се направија вонсериски напори, би рекол чудо, Општина Охрид да се одблокира и да може самата после две и половина години да инвестира во ваков тип на проекти, рече Мицкоски.

Посочи дека општинските власти предводени од ВМРО-ДПМНЕ водат политики насочени кон развој и враќање на доверба во институциите.

- Не очекува една голема инвестициска градежна офанзива, рече Мицкоски, најавувајќи победа на престојните парламентарни и претседателски избори.

Градоначалникот Пецаков најави дека и во иднина ќе се работи на проекти од, како што рече, суштинско значење за локалното население.

- Покрај овој проект ќе имаме уште некои тековни проекти, а не се завршени...За понатаму ќе ги оставиме влезовите во градот од Битола, улицата „7 ноември“ и влезот во Охрид од стариот пат за Струга, улицата „Гоце Делчев“ каде се врши комплетна реконструкција, рече Пецаков.

Соопшти и дека целосно е раздолжено јавното претпријатие „Нискоградба“ кое било преземено со долг од 1,2 милиони евра и дека во него се инвестирани 15 милиони денари за набавка на механизација. аб/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан