• сабота, 16 ноември 2024

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ почнува разговори со парламентарните партии потписници на Предлог-измените на Изборниот законик

Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ почнува разговори со парламентарните партии потписници на Предлог-измените на Изборниот законик
Скопје, 31 јануари 2022 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери од денеска почнуваат суштински разговори со парламентарните политички партии, пред се’, со партиите потписници на Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, а во текот на наредните денови ќе следат разговори и со другите парламентарни политички партии. Како што изјави денеска во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, целта на средбите се измените кои што се предлагаат, односно формирање на една изборна единица, нешто што како Предлог – закон, вели, е стигнат во Парламентот потпишан од одреден број на нивни колеги пратеници. -Во текот на денешниот ден имавме средба со Демократскиот сојуз претставуван од колегата пратеник Павле Трајанов и со ВМРО - Народна партија и на средбата беше колегата пратеник Љупчо Балковски, со кој поразговаравме за овие актуелни теми за кои што разговараме сега. Една изборна единица беше темата на разговорите како и нивните предлози за поставување одреден праг при тие изборни процеси. Со различни идеи се политичките партии, на крај заклучивме дека овој процес треба да отпочне во насока на демократизација на државата. Гледаме дека се создава клима за оваа работа и процесот ќе продолжи и во наредниот период, рече Мицевски. Според него, со отворањето на самата тема односно со поставувањето на законот на Комисија, а потоа и на пленарна седница, ќе има можност за истиот да се разговара, да бидат употребени анализите од компаративното право кои што ќе дадат размислување дали и колкав би требало да биде прагот и на кој начин да продолжи активноста, односно целиот процес околу ова законско решение. Мицевски најави дека во текот на утрешниот ден, ќе следат дополнителни средби и со други претставници на парламентарни партии на кои што ќе бидат разменети мислења и искуства во однос на ова законско решение. На новинарско прашање, Мицевски потенцира дека Законот за укинување на „пржинската влада“, односно законот за Влада е ставен на како точка на дневен ред на пленарна седница на 10 февруари и апелира да го поддржат сите партии потписници. - Апелирам до сите партии потписници сериозно да го разгледаат и да дадат поддршка како би можеле да пристапиме на тргање на овие одредници  кои што ги има во самиот закон и враќање на старото законско решение, односно пржинската влада да ја пратиме во историја, односно таму каде што се покажа како нефункционален модел и да се вратиме на уставниот модел на Закон за Влада во државата, рече Мицевски. Најголемите четири политички партии, истакна тој, имаат отворена врата за да го поддржат ова законско решение и доколку има одредени несогласувања со амандмани истото да може да се смени и да се реагира и во Законот за Влада, а посочи дека ќе треба да се реагира и со измени во Изборниот законик кои што се поврзани со пржинската влада. вг/фф/

Остани поврзан