• недела, 07 јули 2024

Митева: Фирма за канцелариски прибор ќе ги одмастува котлите во РЕК Битола за 4.2 милиони евра

Митева: Фирма за канцелариски прибор ќе ги одмастува котлите во РЕК Битола за 4.2 милиони евра

Скопје, 27 октомври 2023

 

Интегрален текст од прес конференција за медиуми

Говорник: Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

 

Почитувани,

Кога оваа власт даде тендер за  надзор над изградба на автопатишта на фирма за долна облека мислевме дека тоа е крај на небулозите, но за жал сме биле во заблуда, СДС и ДУИ можат уште подолу - Фирма за канцелариски материјал ќе набавува средства за одмастувавње на котлите за согорување на јаглен во РЕК Битола.

Имено власта преку ЕСМ, поддружница РЕК Битола набавува адитиви кои треба да го намалат замастувањето во котлите од фирма регистрирана за трговија на мало со весници и канцелариски прибор, преку тендер вреден 4.2 милиони евра.

Оваа фирма за канцелариски материјали која оваа година го добила тендерот од 4.2 милиони евра од РЕК Битола, лани имала вкупен обрт помал од 350.000 евра, за сега  само една година подоцна да успее да земе државен тендер кој за 12 пати го надминува нејзиниот лански приход.

Од јавноста можевме да видиме дека оваа фирма е регистрирана во 2017 година со основачки влог од 5000 евра, и нема никаква допирна точка со енергетика и со адитиви за одмастување, кои се специфична материја и со која работат фирми со долгогодишно искуство во областа.

Крајно сомнителен е и фактот што оваа фирма била единствена пријавена на огласот на РЕК Битола вреден 4.2 милиони евра, иако во Македонија и во регионот има фирми кои или со години се занимаваат со оваа дејност или и сами произведуваат такви адитиви, но за разлика од тоа, фирмата добитник на тендерот на РЕК Битола се јавила само како обичен увозник на адитивот од фирма од Италија.

Се поставува прашањето, зошто РЕК Битола дозволила да дојде во ситуација на тендер од 4.2 милиони евра да има само еден понудувач, и зошто истата не се потрудила за оваа набавка да распише или меѓународен тендер или да анимира што поголем број на фирми производители како би се намалила цената на набавката? Или потребно било да нема негативно наддавање за некој да профитира на штета на буџетот?

Митева: Срамота е што Славјанка, како жена министерка, се обидува да го скрие скандалот во АРМ кој првично го призна

Можам само да кажам дека различните изјави на Славјанка Петровска се доказ дека во рамки на институциите на државата секоја незаконито постапување или однесување од страна на власта, тие се обидуваат да го сокријат наместо да го санкционираат, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева запрашана за коментар за изјавите на министерката за одбрана, Славјанка Петровска каде што таа прво, на седница за пратенички прашања во Собрание, признава дека имало секс афера во министерството за одбрана која потоа во телевизиско гостување вечерта, негираше.

„Фрапантно е тоа што една министерка на земја членка на НАТО си дозволува да даде една изјава од собраниска говорница, при тоа потенцирајќи дека е запознаена со случајот, а веднаш потоа на интервју, истиот ден, да каже дека не била запознаена. Тоа отвара многу прашања, кој побара од неа да даде различна изјава од таа што ја дала? Кога ја зборува Славјанка вистината, дали од собраниска говорница или на нејзиното интервју? Или да бидам попрецизна, кога лаже“, прашува Митева.

И дополнително, додаде Митева, фрапантен е моментот што жена министерка се обидува да сокрие ваков скандал.

„Очекуваме одговорност и оставка. Дополнително, Славјанка Петровска континуирано се обидува да креира перцепција во јавноста дека пратеникот Ковачки, кој постојано објавува скандали од нејзиното работење и од работењето на останатите министри, дека креира лажни вести. Напротив, се докажало дека Ковачки, како пратеник, секогаш ги обелоденува скандалите кои што подоцна се потврдува дека се вистинити“, истакна Митева.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

фото и видео: ВМРО - ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан