• петок, 14 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Министерот Минчев на панел сесија во Тирана за „Реформи за поефикасна јавна администрација и подобри услуги за граѓаните”

Министерот Минчев на панел сесија во Тирана за „Реформи за поефикасна јавна администрација и подобри услуги за граѓаните”

Скопје, 6 март 2025 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев учествуваше на панел сесија на тема “Perspective of Local Government Reform and EU Integration”, како дел од конференцијата SYNERGY, во организација на Western Balkans Fund, а во соработка со Јапонската амбасада во Албанија и International Visegrad Fund. Настанот, кој се одржа во Тирана, беше фокусиран на реформите за унапредување на локалната самоуправа и подобрување на ефикасноста на јавната администрација, информираат од Министерството.

Во обраќањето, Минчев истакнал дека јакнењето на локалната администрација е еден од клучните приоритети на Владата, бидејќи, како што рекол, професионална, ефикасна и автономна локална администрација значи подобри јавни услуги за граѓаните и поголема доверба во институциите.

Тој нагласил дека во првите месеци од мандатот Владата презела конкретни чекори за подобрување на управувањето со локалните самоуправи, вклучително и потпишувањето на Меморандумот за соработка со ЗЕЛС, со кој општините за првпат добиле директна улога во креирањето на законските решенија за јавната администрација.

Министерот Минчев истакнал и дека Владата издвои 245 милиони евра за поддршка на општините, средства што ќе се користат за подобрување на административната и јавната инфраструктура, вклучително: модернизација на општинските административни капацитети, дигитализација на локалните услуги за побрзи и потранспарентни постапки, изградба и реконструкција на училишта, градинки, спортски сали, како и подобрување на водоводните и канализациските системи.

-Ова е најголемата инвестиција во локалната самоуправа во историјата на нашата држава, која директно ќе ја зајакне ефикасноста на локалната администрација и ќе ги подобри услугите за граѓаните, истакнал тој.

Говорејќи за предизвиците во подобрувањето на јавната администрација, вклучувајќи и на локално ниво, министерот Минчев посочил на реформите што Владата ги презема за јакнење на капацитетите и транспарентноста во локалното управување како реформа на законодавството – измена на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, со цел обезбедување јасни критериуми за вработување, унапредување и отчетност во локалната администрација, јакнење на човечките ресурси – воведување на специјализирана континуирана обука за административните службеници преку Академијата за обука на јавната администрација, со што, како што рекол, ќе се подобрат нивните вештини и капацитети за квалитетно управување со општините, но и зголемена транспарентност и отчетност – зајакнување на механизмите за надзор и ревизија, со цел подобра контрола врз трошењето на јавните средства и намалување на ризикот од злоупотреби во локалната администрација.

Министерството за јавна администрација, нагласуваат оттаму, останува посветено на спроведување на овие реформи, кои ќе обезбедат модерна, ефикасна и транспарентна јавна администрација, во служба на граѓаните. сст/ев/

фото Министерство за Јавна Администрација

 

Остани поврзан