Министерката за образование апелира под итно да се најде решение за јавниот градски превоз
- Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелира до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. Според анализата на Министерството за образование и наука од Е-дневник, како што изјави денеска Јаневска, нема значајна разлика во отсуствата на учениците.
Скопје, 21 ноември 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелира до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. Според анализата на Министерството за образование и наука од Е-дневник, како што изјави денеска Јаневска, нема значајна разлика во отсуствата на учениците.
- Претпоставувам дека учениците и родителите се организираат најдобро што можат нивните деца да стигнат во училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град да им се онезвоможи на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право со Устав. Се надевам дека ќе се најде решение за оваа ситуација затоа што е недозволиво сите напори што ги правиме, промените што се обидуваме да ги спроведеме за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат на некој начин спречувани заради неорганизираност на градските власти. Се надевам дека градските власти сериозно ќе ја сфатат оваа ситуација и под итно ќе најдат соодветно решение, изјави Јаневска пред почетокот на потпишувањето на Анексот на меморандумот за соработка меѓу МОН и Амбасадата на Франција.
Јаневска дава поддршка и на студентите кои најавија дека утре ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје доколку не се најде решение со јавниот превоз.
- Апсолутно се во право, имаат право својот револт на соодветен начин да го изразат и ако ова е единствениот начин да најдат решение, јас ги поддржувам, рече Јаневска.
Проблемите со јавниот градски превоз кулминираа вчера откако најголем дел од автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие не возеа поради недостиг на гориво. Во сообраќај беа пуштени само 25 автобуси кои работат на гас.
За денеска во 18 часот е закажана вонредна сендица на Советот на Град Скопје, а дел од политичките партии побараа оставка од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсоваска. бт/бак/
Фото: МИА архива