• четврток, 26 декември 2024

Министерката Божиновска ќе се обрати на панелот „Патот кон нула-енергетски згради на Балканот“

Министерката Божиновска ќе се обрати на панелот „Патот кон нула-енергетски згради на Балканот“

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, ќе се обрати на панел-дискусијата „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, која се одржува во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан.

Овој значаен настан, како што соопшти Министерството, има за цел да ги истражи можностите за зголемување на енергетската ефикасност во градежниот сектор и да ја истакне неговата улога во одржливиот економски развој и енергетската безбедност во регионот.

На панелот покрај министерката Божиновска, ќе учествуваат и Ивана Живковиќ директорка на Регионалното биро за Европа и Комонвелтот на независни држави (ЗНД), Јована Јоксимовиќ помошник министер за рударство и енергија за меѓународна соработка и европска интеграција, Србија, Каролина Новак државна секретарка во Министерството за енергетика на Молдавија, Еуан Лоу регионален лидер за Централна и Јужна Африка/поранешен лидер за портфолиото на јавниот сектор за енергија, инфраструктура, транспорт и индустрија, Зелен климатски фонд и Иван Булатовиќ главен извршен директор на Електропривреда на Црна Гора и Филипо Берарди, виш специјалист за климатски промени, Глобален еколошки фонд

-Панелот ќе се фокусира на повеќе клучни теми: улогата на енергетската ефикасност во исполнување на Парискиот договор, пазарните бариери за ефикасни технологии во градежниот сектор, активностите на УНДП и партнерите за поддршка на енергетската ефикасност во јавните и приватните објекти во регионот, како и препораките од најновиот УНДП документ „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот Балкански регион“, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. дма/aa/

Фото:  Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан