Министерката Божиновска и заменик-министерот Димитровски на Делфи-економскиот форум во Грција
- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, ќе учествуваат на панел-дискусии на 11. Економски форум, што од 22 до 25 април ќе се одржи во малиот планински град Делфи во централна Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 20 април 2026 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, ќе учествуваат на панел-дискусии на 11. Економски форумм што од 22 до 25 април ќе се одржи во малиот планински град Делфи во централна Грција - јави дописничката на МИА од Атина.
Форумот, што традиционално секоја година се одржува во април оваа година, е со наслов „Шокот на новото“, а ќе учествуваат 1.200 говорници, од кои 760 се од Грција, 440 од странство, а планирани се над 200 дискусии.
На прес-конференцијата во Атина во пресрет на форумот, основачот и претседателот на Делфи-форумот, Симеон Цомокос, и потпретседателот Јанис Томатис ги презентираа деталите за годишната конференција, која ќе опфати пет тематски целини: геополитика и меѓународна безбедност; климатска криза и енергетика; одржлива економија и развој; технологија, како и луѓето и општеството.

Форумот свечено ќе го отворат претседателот на Грција, Константинос Тасулас, претседателот на Естонија, Алар Карис, и принцот Алберт од Монако, а на четиридневната конференција ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, грчкиот премиер Кирјакос Мицотаки, премиерот на Албанија, Еди Рама, европската обвинителка Лаура Ковеши, претставници на ЕУ, министри за надворешни работи, како и министри од грчката влада.
Како и секоја година, така и сега, во фокусот ќе бидат и Западен Балкан и проширувањето на Европската Унија со земјите од регионот, а на првиот ден од форумот на оваа тема ќе дискутираат шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија, Немања Старовиќ, заменик-министерот за ЕУ на Црна Гора, Иван Иванишевиќ, и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција, Драган Вуковиќ.

Енергетиката е уште една од темите кои се нераскинлив дел од форумот во последните години, а на една од панел-дискусиите ќе учествува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со министерот за енергетика на Бугарија, Трајчо Траиков, специјалниот пратеник за енергетска интеграција од Министерство за енергетика на САД, Џошуа Волц, претседателот и извршен директор на групацијата Aktor и извршниот директор на Atlantic SEE LNG Trade, Александрос Ексарху.
- Форумот ќе се фокусира на клучните области: од геополитиката на енергијата и создавањето нови преносни мрежи до зајакнувањето на меѓусебното поврзување во Југоисточна Европа. Посебен акцент ќе биде ставен на градење отпорни енергетски системи, кои обезбедуваат стабилност против идните предизвици и кризи - соопштија организаторите во однос на темите поврзани со енергетиката.
Делфи-економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде што секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран. ср/са/
Фото: МИА/Делфи економски форум