• понеделник, 23 декември 2024

Милошоски: Ќе поддржиме системско решение кое се однесува на намалување на коефициентите на платите на функционерите

Милошоски: Ќе поддржиме системско решение кое се однесува на намалување на коефициентите на платите на функционерите

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ има политичка волја да поддржи системско решение кое би се однесувало на намалување на коефициентите за пресметување на плати на функционерите, изјави денеска пратеникот Антонио Милошоски.

Прашан дали како политичка партија планираат да поднесат предлог законски измени за платите на функционерите кои со одлука на Уставниот суд се зголемени за 78 проценти, Милошоски рече дека многу нивни предлози за законски измени не биле усвоени во изминатиот период и затоа ја повика власта што поскоро да го достави до Собранието она што го најавува како системски закон.

 - Како политичка партија уште пред да биде оваа тема за личниот доход и одлуката на Уставниот суд, пред два месеци имавме повеќе предлог-закони, но би го напоменал оној што е најбитен. Поднесовме предлог-закон за укинување на 40 заменички-директорски места коишто беа изгласани во државни јавни претпријатија од страна на СДСМ и ДУИ за да можат полесно да се договараат во рамките на коалицијата, иако тие беа непотребни и создаваат голем буџетски трошок. Власта со едно гласање беше против самата потреба овој закон да се стави на дневен ред. Ова го напоменувам за да ви укажам дека имаме лошо искуство со многу наши предлози коишто се однесувале на буџетските расходи и нивно намалување. Затоа ќе и дадеме можност на власта она што го најавуваат како системски закон што поскоро да стигне во Собранието и опозицијата ќе даде поддршка, рече Милошоски.

Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто. Законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и на сите вршители на јавни функции. фф/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан