• понеделник, 23 декември 2024

Мизрахи: Со измените на Законот за здруженија се затвори прашање што никогаш не требаше да се отвори

Мизрахи: Со измените на Законот за здруженија се затвори прашање што никогаш не требаше да се отвори
Скопје, 2 ноември 2022 (МИА) - Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи по гласањето на измените на Законот за здруженија и фондации порача дека со еден мал навидум незначителен закон се штити антифашистичкото минато на Македонија и историската вистина за нас, како и дека се затвори прашање што воопшто никогаш не требаше да се отвори. -Денес конечно ги изгласавме измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на 7 октомври годинава, со кој се забранува основање и упис на организации кои во нивното име, програма, цели и дејности поттикнува и повикува на воена агресија, разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост нетолеранција, геноцид, екстерминација, ширење и поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам национал-социјализам и третиот рајх,  рече на прес-конференција во Собранието Мизрахи. Чудно е, потенцираше таа, што таканаречениот либерален закон за здруженија и фондации пред овие измени во целокупното минато на независна и суверена Република Македонија не дозволи отворање на таканаречени “културни клубови“ со имиња на контраверзни личности и фашисти. -Се чини дека Договорот за добрососедство всушност претставува основа за негирање, извитоперување и ревидирање на историските вистини. Па така денес, со еден мал навидум незначителен закон се штити антифашистичкото минато на Македонија и историската вистина за нас. Да потсетам дека човештвото се уште носи лузни од геноцидот, етничкото чистење, расизмот, антисемитизмот и ксенофобијата. Страшната вистина за фашизмот и нацизмот мора сите заедно да ја браниме од оние кои ја негираат. Мора да ја зајакнеме моралната и политичката посветеност на нашата Влада и институции за да обезбедиме можност идните генерации да ја разберат причината за пандемијата на омраза од Втората Светска Војна во која Македонија даде повеќе од 25 илјади жртви и 7144 Евреи, рече Мизрахи. Таа потенцира дека речиси осум месеци по отворањето на таканаречениот културен клуб Иван Ванчо Михајлов во Битола, и иако премиерот на 28.04.2022 година од Собрание, како што рече, ветуваше функционалност на сите институции во насока на спречување на процесите на отворање „културни клубови“ со имиња на контраверзни личности и програми, денеска на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата законски се затвори ова прашање што воопшто и не требаше никогаш да се отвори. Мизрахи најави дека ќе разгледуваат и други закони каде што ќе треба да се интервернира, како што е Законот за трговски друштва.фф/лв/

Остани поврзан