МИА Радио флеш
- 18 септември 2024
18 септември 2024
-Предлогот за ограничување на бруто профитната маржа до 10 отсто со кој се опфатени стотина основни прехранбени производи, е донесен во консултација со стопанските комори. При неговото изготвување биле земени предвид сугестиите и од производителите и трговците. Како што рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, сега не се донесуваат одлуки со сила како порано, туку со сослушување на сите засегнати страни. Тој најави дека покрај есенска кошница, ќе има и божиќна, рамазанска, велигденска,... зашто обично, нагласи, во периодот пред и за празниците, трговците секогаш ги зголемуваат цените.
-Во предметот познат во јавноста како „Синџир“ обвинети се петнаесет лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на Управата за јавни приходи и регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп. -И покрај поднесениот Обвинителен акт за предметот познат во јавноста како „Синџир“, предметниот обвинител Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција предметниот јавен обвинител продолжи со постапување. Постапката е како резултат на индиции што произлегоа од доказите што обвинителството ги достави до судот со поднесување на обвинителниот акт во предметот „Синџир“. Врз основа на дополнително обезбедениот доказен материјал денеска до Основниот кривичен суд Скопје обвинителството поднесе Обвинителен предлог против петнаесет лица вработени во Генералниот даночен инспекторат на УЈП и Регионалните дирекции на УЈП во Скопје, Битола и Прилеп. На сите обвинети им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. ст.1 и чл.45 од КЗ, соопшти Јавното обвинителство.
-Транспортна асоцијација БЕСТ Мобилити – НТА денеска укажа дека македонските патни транспортери се соочуваат со проблеми во работењето при патните превози преку Бугарија, на нејзиниот граничен премин со Турција, Капитан Андреево – Капикуле, каде што бугарските гранични органи повторно ја воведоа непопуларната мерка дезинфекција на возилата. Асоцијацијата бара итна реакција и интервенција од надлежните органи поради штетите за превозниците поради забавениот транспорт на стоките.Покрај директниот трошок (од 20 евра по возило), посочува асоцијацијата, оваа мерка, на сите превозници, кои минуваат тука им носи и многу поголема индиректна финансиска штета со зголеменото време на чекање и на минување на границите, што се одразува на вкупното времетраење на нивните транспорти на стоки. Тоа, посочуват, редовно се пролонгира токму поради хаосот што се создава со воведувањето на мерката, што според некои најави ќе следи и на сите други бугарски гранични премини. Ова, пак, се заканува да резултира со реципрочни мерки од соседите на Бугарија, при што Турција, но и Грција веќе бараат начини и како нивните транспортери да ја заобиколат.
- Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија - AETСM, објавува Jавен повик за бесплатни верификации за стекнување со симболот на доверба во е-трговијата - Беџ за верификуван е-трговец, во рамки на кампањата насловена „Градиме доверба во онлајн купувањето”. Е-продавниците кои сакаат да аплицираат за бесплатна верификација, сѐ што треба да направат е да пополнат заинтересирани за кратка онлајн апликација. Аплицирањето ќе може да се направи, најдоцна до среда, 25 септември. Како што информираат од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија - AETСM, јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании, кои веќе ги продаваат своите производи или услуги онлајн, со цел да добијат можност да покажат дека нивната онлајн продавница е безбедна пред јавноста и да се придужат на заедницата од над 70 верификувани е-трговци.
-Поранешниот косовски премиер Авдула Хоти смета дека идната влада има многу работа за да ги поправи штетите „предизвикани од контрадикторни закони и интервенции против бизнисот“ од страна на актуелната влада на Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.Повикувајќи се на новиот закон за даночни процедури, Хоти на неговата страница на Фејсбук напиша дека тој даночен кредит, според овој закон, сработен без исцрпна јавна расправа, доколку бизнисот плаќа повеќе ДДВ на даночната управа, не може да го користи повеќе од три години, а кога ќе помине тој период, износот на даночната претплата за бизнисот е изгубен.
-Албанскиот претседател Бајрам Бегај денеска во Тирана изјави дека членството на Косово во Јадранската повелба е неопходно за стабилноста на целиот регион. На 27. Конференција на началниците на генералштабовите на Американско-јадранската иницијатива албанскиот претседател изјави дека Косово ја докажало својата посветеност на мирот и оти, како што посочи, земјата е фактор кој придонесува за безбедноста на Западен Балкан. -Во соработка со нашите сојузници, континуирано работевме на зајакнување на безбедноста во регионот и промовирање на целосна интеграција на Западен Балкан во евроатлантските структури, рече Бегај.
-Од денеска до почетокот на октомври КФОР ќе спроведе заедничка вежба со контингент од 300 војници од кралскиот јоркширски полк на Велика Британија, кој е привремено стациониран на Косово, како и серија заеднички вежби со други војници во рамките на мисијата. „Целта на вежбата е да се тестираат постојните процедури за слетување на дополнителни војници и нивна интеграција во мисијата на КФОР. Вежбата ја поддржува подготвеноста на КФОР да одговори на релевантните безбедносни настани со цел да се обезбеди континуирано спроведување на нашиот мандат, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, да придонесе за безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат на Косово и слобода на движење во секое време и на непристрасен начин“, соопшти КФОР.
- Разговарав со министерот за образование и многу сум позитивен, доколку постои барање од Здруженијата на родители, да набавиме шкафчиња, првично за ограничен број училишта, за да можат децата да ги заклучуваат мобилните кога доаѓаат на училиште и да ги земаат кога си заминуваат, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната средба со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис посочи дека кога велат „мобилниот во чанта“ за време на наставата го мислат тоа и „не е само очекување“, а се осврна и на првата казна изречена за ученик во Грција поради употреба на мобилниот телефон. Истакна дека прашањето не е да постојат казни, туку „наставниците, професорите, родителите, а пред сè самите деца, да сфатат дека ова му помага на самиот процес на учење“.
- Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека го отфрлила Оливер Вархеји за комесар за проширување на ЕУ, велејќи дека нејзината одлука е дел од „лицемерието на Брисел“. „Земјите од Западен Балкан чекаа 14,5 години за членство во ЕУ, што покажува колку мнозинството во блокот е против проширувањето“, рече Сијарто на заедничката прес-конференција одржана денеска во Будимпешта со српската министерка за економија Адријана Месаровиќ. Тој смета дека јавните изјави на претставниците за проширување на ЕУ се во спротивност со она што тие го кажале зад затворени врати. Исто така, посочи дека земјите кои беа најнапредни во процесот на пристапување сакаат Вархељи да продолжи да ја врши својата сегашна функција.
-Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре ќе има работен ручек со шесте лидери на државите од Западниот Балкан, на кој ќе се разговара за меѓусебните односи и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, информира денеска портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро. Таа истакна дека на работниот ручек се поканети премиерите на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
- Европската комисија денеска распиша конкурс за аплицирање за проекти за енергетска инфраструктура, кои имаат статус на Проекти од заеднички интерес (ПЦИ) или Проекти од взаемен интерес (ПМИ), а се насочени кон остварување на целите на ЕУ за справување со климатските промени, како и за зголемување на конкурентноста на блокот. Одбраните проекти на конкурсот ќе бидат финансиски поддржани со средства од сегашната Повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, во која за потребите на енергетската инфраструктура се преостанати околу 3,5 милијарди евра. Инвестициите ќе бидат наменети за инфраструктурата и технологиите за чиста енергија, како што се проекти поврзани со обновливите извори на енергија, мрежната инфраструктура и намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид, како еден од приоритетите на новата Европска комисија за изградба на „чиста индустрија“.
-Европскиот парламент на денешното пленарно заседание во Стразбур со големо мнозинство гласови отфрли две одлуки на Европската комисија со кои се регулираа нивоата на дозволени пестициди во прехранбените продукти што се увезуваат во ЕУ од трети земји. Станува збор за одлуките за толеранција на максималните нивоа на остатоци на ципроконазол и спиродиклофен во житните култури, семињата, месото, црниот дроб и бубрезите, како и за нивоата на беномил, карбендазим и тиофанат-метил во лимоните, лиметите, мандарините и бамиите. Инаку, употребата на сите овие пестициди е забранета во ЕУ.
-Финскиот претседател Александар Стуб повика на проширување на Советот за безбедност на ОН, ставање крај на правото на вето на поединечните држави и отстранување на секоја земја-членка вклучена во „нелегална војна“ како што е руската инвазија на Украина. Стуб посочи дека ќе се приклучи на барањата за реформи за време на Генералното собрание на ОН, каде ќе се разговара и за составот на 15-члениот Совет за безбедност. Постојаните земји членки кои имаат право на вето се пет, а останатите 10 се менуваат на ротациска основа. Финскиот претседател во интервју за Ројтерс рече дека верува оти бројот на постојани членки треба да се зголеми на 10 и предложи да им се придружат по две земји од Африка и Азија и една од Латинска Америка.
- Британскиот премиер Кир Стармер објави дека износот на подароци, бесплатни билети за концерти и натпревари и бесплатно сместување сега надминува 100.000 фунти, што е повеќе од кој било друг лидер на лабуристите или конзервативците што имал во последните години, објави денеска Гардијан. Премиерот прифатил речиси 40 бесплатни билети додека бил лидер на Лабуристите, главно за фудбалски натпревари, но и билети во вредност од 4.000 фунти за концертите на Тејлор Свифт и за Колдплеј од 698 фунти.
-Денеска холандската десничарска влада официјално побара од Европската комисија да се повлече од заедничката регулатива на ЕУ за правото на азил, како што претходно најави, иако е малку веројатно дека тоа ќе може да го стори тоа, јави Бета. „Само што ја информирав Европската комисија дека сакаме Холандија да истапи од миграциската политика во рамките на Европа“, напиша министерката за внатрешни работи Марјолеин Фабер на платформата X, пренесоа западните агенции. Фабер додаде дека е крајно време „Холандија повторно да биде одговорна за својата политика за азил“.
- Кремљ денеска предупреди дека нападот со експлодирани пејџери врз либанската група Хезболах може да предизвика поширок регионален конфликт и повика на истрага за да се идентификуваат сторителите. Илјадници пејџери вчера беа детонирани во нападот низ Либан, при што загинаа 12 лица, а ранети се речиси 3.000, вклучително и борци на Хезболах и иранскиот амбасадор во Бејрут. Висок либански безбедносен извор и друг извор за британските медиуми изјавија дека израелската разузнавачка служба Мосад поставила експлозиви во 5.000 пејџери увезени од либанската група Хезболах неколку месеци пред детонациите. Тајванската компанија, чии пејџери се во прашање, објави дека нема никаква врска со нив и дека за нив е одговорна компанијата со седиште во Унгарија, која има право да го користи нивниот бренд во производството на пејџери.
- Кинеското Министерство за надворешни работи денеска објави санкции против американски компании кои извезуваат оружје во Тајван, објавија локалните медиуми. Кинеското Министерство за надворешни работи не ги наведе имињата на компаниите вклучени во извозот. Тајван чека испорака на авиони Ф-16, тенкови М1 Абрамс и неколку проектили од САД, пренесе Бета. И покрај недостатокот на формални дипломатски врски, САД долго време беа главниот снабдувач со оружје на островот. Кина претходно побара од американските компании да ја прекинат соработката со вооружените сили на Тајван, но без видлив ефект.