• сабота, 27 јули 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

23 мај 2024

Рим – Поддршката на Ватикан за процесот на евроинтеграција на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и актуелните случувања во светот биле дел од темите на денешниот разговор на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Ватикан со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Рим, Сиљановска Давкова денеска со аудиенцијата кај папата официјално ја почна неколкудневната посета на Рим и Ватикан, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свeти Кирил“, а во седиштето на Светата столица се сретна и со државниот секретар на Ватикан, монсињор Пјетро Паролин.

Таа денеска во Ватикан не се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, чија средба беше можна, но неизвесна до последен момент. Радев денеска исто така беше на аудиенција кај папата и тој денеска ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители, додека Сиљановска Давкова тоа ќе го стори утре.

Претседателката во изјава за медиумите по средбите во Ватикан рече дека со Радев не се сретнале поради неможноста да се усогласат агендите на двајцата шефови на држави. Подготвеност за средба постоела и од двете страни, посочи таа, но ја оставиле за некоја наредна прилика.

Скопје/Рим – Република Северна Македонија треба да покаже дека навистина сака да биде дел од обединета Европа со тоа што ќе ги исполни сите барања што ѝ ги поставува ЕУ, исто како што било за секоја земја членка, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред новинарите во Рим, пренесува БТА.

- Мојата порака до претседателот на Република Северна Македонија е дека Бугарија час поскоро очекува промена на реториката и конечно да престане со јазикот на омразата, изјави Радев.

Според Радев, поради набиената програма организирана до минута, бугарската делегација не можела да се сретне со делегацијата на Република Северна Македонија, која престојува во Рим и е предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 

- Позитивен знак е што претседателот на Република Северна Македонија покажал желба за ваква средба, одговорил Радев на прашањето дали е побарана средба меѓу него и Сиљановска-Давкова во Рим.

Очекувам, нагласил Радев, дека таква средба ќе има наскоро. Прашан дали ја кани Сиљановска-Давкова во Бугарија, Радев одговорил „Ја поканувам, секако“.

Скопје - Конститутивната седница на Собранието е закажана за следниот вторник, на 28 мај. Со седницата до изборот на новиот претседател на Собранието, согласно Деловникот за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку. 

Од собраниската прес-служба денеска информираа дека претседателот на Собранието Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, одржал состанок со претставниците на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално било одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.

Претседателот Митрески ги информирал присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.

Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на собранискиот претседател.

Скопје - Антикорупциската комисија денеска информира дека покренува иницијатива до сите надлежни институции за утврдување на одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.

- Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива. Потсетуваме дека ДКСК отвори предмет за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, за што утврдивме дека е спротивно на законите, а тоа практично го потврдија и Управниот и Вишиот Управен суд, кои ја отфрлија жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители, се наведува во соопштението од ДКСК.

Од Антикорупциска сметаат дека и оваа иницијатива е целосно оправдана и дека
надлежните институции ќе постапат соодветно и во предвидениот рок.

Скопје - Во пресрет на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, владина делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска положи цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Владината делегација, како што стои во соопштението од владината прес-служба, оддала почит на просветителското дело на светите браќа кое е од темелно значење за македонскиот јазик, идентитет и култура.

Скопје - Сериозна поддршка на зелената транзиција во државата ќе има за цел новиот Совет за зелена градба на Северна Македонија, чие формирање се најавува во рамки на проектот „Енергетско ефикасно градење и реновирање во Западен Балкан“, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Советот ќе биде наменет за сите чинители кои се дел од градежниот сектор.

Овој проект е дел од програмата RECONOMY – инклузивен и зелен економски развој, што го спроведува ЦеПроСАРД.

Координаторот на програмата за енергетска ефикасност во Западен Балкан за Македонија, Игор Панчовски денеска пред почетокот на конференцијата за основање на Советот за зелена градба во Комората на овластени архитекти и овластени инженери, изјави дека зелената транзиција како збор денеска го користат многу луѓе, секаде го наоѓаме, но нивните анализи покажуваат дека се многу мали познавањата и многу малку работиме во таа насока.

Скопје - Извршниот одбор на СДСМ, по потврдувањето на повлекувањето од функцијата на претседателот на партијата Димитар Ковачевски, на вчерашната седница ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.

Согласно член 68б од Статутот и повлекувањето на претседателот на партијата, Извршниот одбор, како што информираат од Центарот за комуникации со јавност на партијата, заклучил дека почнуваат да течат статутарните рокови за организирање нови директни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ.

- Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка, се вели во соопштението од СДСМ.

Струга - Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, утрово во 9 часот и 32 минути се одјавил од затворот во Струга, каде издржуваше затворска казна за случајот „Империја“, потврди за МИА директорот на установата Ваљон Ќура.

Ослободувањето на Мијалков следува по уважување на неговата жалба од Апелациониот суд Скопје и донесеното решение, на 23 мај да биде ослободен од издржување на казната затвор, под услов до 25 април идната година, да не стори ново кривично дело.

- Лицето беше примерен затвореник, им помагаше на другите осудени лица во затворот. Беше вработен како шофер и совесно си ја вршеше работата. Ги користеше годишните одмори и слободните викенди за излез во град, како и другите осудени лица, изјави Ќура за МИА.

Тој нема никакви забелешки кон Мијалков во однос на периодот поминат во струшкиот затвор.

Атина – Две седмици по победата на ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори и десет дена по инаугурацијата на Гордана Сиљановска Давкова, медиумите во Грција секојдневно следат сè што се случува кај нас, а е поврзано со Грција, но ги пренесуваат и пораките од домашните политичари изразени во интервјуа и говори, кои во изминатиот период ги има во изобилство со оглед на тоа дека земјата е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни, јави дописникот на МИА од Атина.

„Продолжуваат провокациите од Северна Македонија“ е најчестиот коментар во медиумите во изминатиот период.

Скопје- Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за викендот ќе преовладува променливо облачно време, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и локална појава на невреме.

В понеделник се очекува преодно стабилизирање на времето, а од вторник во попладневните часови повторно ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи. 

Тирана – Западен Балкан останува ранлив од актери кои се инспирирани од минатото да проектираат иднина далеку од Европа и демократските вредности. Неговото место е во ЕУ, е заедничкиот став на Албанија и Словенија, што на заедничката прес-конференција по средбата, со словенечка колешка Наташа Пирц Мусар, го изнесе албанскиот претседател Бајрам Бегај.

Тој уште со став дека Албанците се стабилизирачки и фактор кој придонесува за мирот во регионот.

- Албанците се стабилизирачки и придонесувачки фактор во регионот и со евроатлантска ориентација. Северна Македонија и Црна Гора се во НАТО. Косово оди кон интегративни процеси. Високо ја ценам поддршката на Словенија за евроинтеграцијата на Албанија и Западен Балкан, како и придонесот на Словенија за учеството на војниците во КФОР на Косово. Албанија е силен глас на евроатлантските интеграции на регионот. Заинтересирани сме за регион во мир, интегриран во регионот и во ЕУ, изјавил Бегај, објавија медиумите.

Белград- Во Вишиот суд во Смедерево денеска поради инцидент беше прекинато рочиштето за случајот за минатогодишното масовно убиство во Дубона и Мало Орашје, по што е одлучено процесот да продолжи во Белград пред Специјалното одделение за организиран криминал, јави ТВ Н1.

-Датумот ќе биде одреден подоцна, изјави за медиумите Немања Перовиќ, адвокат на оштетениот Немања Илиќ, кој тогаш беше ранет.

Во судницата во Смедерево претходно се случи инцидент, па осомничениот за тоа кривично дело Урош Блажиќ беше изнесен од судницата. Во судницата се појавил со својот татко во панцир, а ги донеле десетина полицајци, пишува сајтот на таа телевизија.

Москва - Седум лица загинаа, а осум се повредени во пожар што денеска избувна во куќа во градот Истра во Московската област, соопшти руското Министерство за вонредни состојби.

Пожарот бил пријавен утринава околу четири часот по локално време, а пожарникарите го изгаснале до девет часот.

Министерството за вонредни состојби соопшти дека една жена е хоспитализирана, а регионалното обвинителство отвори истрага за инцидентот.

Будимпешта – Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за налог за апсење на израелскиот премиер е „неприфатливо“ и не може да се спроведе во Унгарија.

Гергели Гуљас на брифинг со новинарите, како што јави Ал Џезира, рече дека иако Унгарија, како верен сојузник на Израел, го ратификувала Римскиот статут на МКС, тој „никогаш не стана дел од унгарскиот закон“, што значи дека ниту една од мерките на судот може да се спроведе во Унгарија.

Обвинителот на МКС, Карим Кан, во понеделникот соопшти дека побарал налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот шеф на одбраната и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.

Вашингтон - Американскaтa министерка за финансии, Џенет Јелен предупреди денеска за ризикот од „хуманитарна криза“ доколку Израел го прекине клучниот финансиски канал на палестинските банки.

-Посебно сум загрижена од заканите на Израел да преземе акција што ќе доведе до отсекување на палестинските банки од нивните израелски кореспондентни банки, изјави таа на новинарите во Стреса во северна Италија, каде подоцна ќе се отвори состанокот на министрите за финансии на Г7.

Според неа овие банкарски канали се клучни за обработка на трансакции кои овозможуваат увоз од речиси осум милијарди долари годишно од Израел, вклучувајќи струја, вода, гориво и храна, како и олеснување на речиси две милијарди долари годишно извоз од кој зависи палестинската егзистенција.

Вашингтон - Поранешната републиканска кандидатка за претседателска номинација во Соединетите Американски Држави (САД) Ники Хејли изјави дека на ноемвриските избори ќе гласа за Доналд Трамп, кој и беше ривал на првичните партиски избори.

Таа нагласи дека Трамп мора да работи за да ги придобие нејзините гласачи, пишува Гласот на Америка (ВОА).

„Ќе гласам за Трамп. Но, останувам на она што го кажав кога се повлеков од прелиминарната трка, Трамп треба да допре до луѓето кои гласаа за мене, а не само да претпоставува дека сега ќе гласаат за него. И јас искрено се надевам дека ќе го направат тоа“, рече Хејли, која беше амбасадорка во ОН во администрацијата на Трамп.

Њујорк - Двајца од тројца Американци велат дека се загрижени дека изборите меѓу демократскиот претседател Џо Бајден и неговиот републикански претходник Доналд Трамп на 5 ноември би можеле да бидат проследени со политичко насилство, покажува новото истражување на Ројтерс во соработка со Ипсос.

Резултатите од истражувањето спроведено на 3.934 возрасни Американци укажуваат на загриженоста на американскиот народ дека немирите што следеа по поразот на Трамп на изборите во 2020 година може да се повторат во САД.

Тогаш лажното тврдење на претседателот дека неговиот пораз е резултат на измама поттикна илјадници следбеници да упаднат во американскиот Конгрес.

Остани поврзан