• понеделник, 30 септември 2024
МИА Радио флеш

30 септември 2024

Скопје - Првите 100 дена и се даваат на новата Влада да ги постави луѓето и да почне со работа. Но, се соочивме со деструктивна опозиција која секојдневно критикува, со право и без право. Воедно, отвори некои работи од минатото кои не ги затвори како што треба, како што се законот за јазици, балансерот, Бадентер,... Имаа доволно време, осум години, да ги решат, но не ги решија и сега злоупотребуваат и судска власт за дневна политика. За жал, ги инструментализираат за дестабилизација и за сеење магла за да се спасат од одговорност. Ова не е оправдување. Ние и покрај ова бевме секојдневно посветени на нашето ветување и програма, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Како што напомена Меџити, евроинтеграцискиот процес и условот што земјавата треба да го исполни за негово продолжување, беше, е и ќе остане еден од клучните приоритети на Владата. Тоа, рече, е единствената алтернатива за сите граѓани, а оваа власт има демократски капацитет и знае како да оди по овој пат.

Скопје - Седумдесет и двегодишна планинарка утрово е пронајдена на Шар Планина во реон на Љуботен без знаци на живот, соопшти Центарот за управување со кризи.

-Регионалниот ЦУК  Тетово,  извести дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во 11:57 часот, вчера беше примен повик за исчезната повозрасна планинарка (72-годишна) на Шар Планина во реон на Љуботен, по што беше организирана потрага што продолжи и денеска од утрово, кога се раздени, се наведува во соопштението.

Во потрагата, како што велат од ЦУК. биле вклучени ренџери од НП „Шар Планина“ заедно со нивниот директор, 12 специјалци од МВР,  пет полициски службеници од ПС Теарце.

-Утрово, од  НП „Шар Планина“ известија дека денеска во 07:30 часот  е пронајдена жената во месноста „Ружен Камен“, но без знаци на живот. За извлекување на настраданата жена од тежок и не пристапен терен се интервенира и од страна на  алпинистот Надир Мурсели, којшто помага при вакви случаи на Шар Планина. Увид на местото ќе изврши екипа од СВР Тетово, а е известен и Јавен обвинител, соопштија од ЦУК.

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека вчера имало спасителна акција на Дојранско Езеро што завршила успешно.

- На 112 во ЦУК околу 16:30 часот е побарана помош за лице кое пливало во езерото заради лошото време со ветер, бранови и езерски струи кај месноста „Калдрма“ во Дојранско Езеро. Лицето е пронајдено живо од страна на полициски службеници од ПС Дојран. Конкретно од СВР Струмица известија дека лицето испливало до брегот во близина на грчката граница. Лицето оттаму е земено од страна на припадниците од МВР и е надвор од животна опасност, соопшти ЦУК.

Скопје - Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека изминатото деноноќие биле регистрирани неколку пожари на отворен простор.

- Пожарникари од ТППЕ Битола вчера од 12:00 до 12:45 часот гаснеле запалена ниска вегетација во атарот на село Смолево, општина Битола. Пожарникарите од ТППЕ Струмица од 18:15 до 19:58 часот гаснеле запалено спортско игралиште во село Борисово, општина Струмица. Од 16:15 до 17:50 часот пожарникари одТППЕ Гевгелија гаснале запалена депонија над населба Карпош во Стар Дојран, општина Дојран, а од 17:50 до 19:40 часот пожарникари од ТППЕ Гевгелија гаснеле запалена ниска вегетација и дрва во село Николич, општина Дојран. Пожарникари од ТППЕ Македонски Брод од 9:58 до 15:10 часот гаснале дива депонија во атарот на село Девич, соопшти ЦУК.

Оттаму информираат дека изминатите 24 часа имало вкупно 1 643 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, од нив „реални“ повици биле  55,20 отсто, а 44,80 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. 

Скопје- Четириесет и еден отсто од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси и оти поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите, покажуваат наодите од истражувањето што ги спровел Центарот за граѓански комуникации.

Анализите на Центарот покажуваат и дека 51 процент од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 отсто од компаниите вклучени во истражувањето. 

- Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 отсто повеќе од претходната година. Според мониторингот на јавни набавки, Просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките, се вели во денешното соопштение од Центарот за граѓански комуникации во врска со спроведеното истражување. 

Скопје- Во 2022 година на последниот состанок во Тирана постигнавме клучни чекори, меѓу кои е и нашата плодна соработка околу програмата „Еразмус плус“, како и стратегиите за паметна специјализација. Заеднички ги обединивме сите напори за Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, култура, млади и спорт, и заедно обезбедуваме младите генерации да можат да извлечат целосна придобивка од овој процес, порача денеска Илиана Иванова, еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади.

Таа во своето обраќање на отворањето на министерскиот состанок за Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт што се одржува во Скопје, во организација на Делегацијата на Европската Унија, посочи дека ги почитува нашите напори и посветеност во спроведувањето на стратегиите на Агендата на ЕУ.

-Од нашиот последен состанок што се одржа во Тирана во 2022 година постигнавме многу клучни чекори, на кои треба да се гордееме. Тука можам да ја напоменам  нашата плодна соработка за програмата „Еразмус плус“, која е клучна за патот кон пристапувањето во ЕУ. Стратегиите за паметна специјализација се исто така камен темелник на агендата на Западниот Балкан. Многу ја ценам вашата посветеност во успешните спроведувања на овие стратегии, додаде Иванова.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека во вооружениот конфликт во Украина „ќе се постигнат сите поставени цели“.

-Вистината е на наша страна. Сите поставени цели ќе бидат постигнати, рече Путин во видео обраќањето по повод втората годишнина од руската анексија на четирите украински региони, пренесе Бета.

Тој му го честиташе на рускиот народ 30 септември - „Денот на обединување“ со украинските региони Луганск, Доњецк, Запорожје и Керсон.

Според рускиот претседател, тоа обединување било „судбоносен настан“, неопходен за заштита на жителите на овие рускојазични региони на Украина од „неонацистичката диктатура“ и „радикалниот национализам“.

Москва - Рускиот портал Инсајдер објави дека добил пристап до официјални документи поврзани со смртта на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални.

Порталот пишува дека има две верзии на документот потпишани од рускиот истражител Александар Варапаев. Тие се однесуваат на одлуката на рускиот истражен комитет да не отвора кривична постапка по смртта на Навални. Порталот пишува дека руските власти постојано ги отстранувале информациите за симптоми кои не одговараат на официјалната причина за смртта објавена од руската држава.

Претходната верзија ги опиша симптомите на Навални на следниов начин: „На 16.02.2024 година осудениот А.А.Навални додека бил во тренинг дворот број 2 на ТОЧК (стамбена единица од типот на едноќелија), почувствувал нагло влошување на неговата здравствена состојба, за што го известил дежурниот од установата, кој го извадил од просториите на дворот во просториите на одделение бр.4 на ЕПКТ. Таму осудениот А.А. Навални легна на подот и почна да се жали на остри болки во стомакот - почнал рефлексно да ја исфрла содржината од желудникот, имал конвулзии и изгубил свест, што веднаш било пријавено кај медицинскиот персонал од поправниот дом“.

Париз - Марин Ле Пен и другите десничарски француски националисти денеска се појавуваат пред судот на воведниот процес против нив под обвинение дека примале средства од Европскиот парламент за непостоечки функционери, јави ДПА.

Покрај долгогодишната лидерка на партијата Национален митинг, Ле Пен, обвинет е и нејзиниот татко и основач на партијата Жан-Мари Ле Пен. Обвиненија за малверзации со јавни средства се поднесени против вкупно 28 лица, појаснуваат од ДПА.

Марин Ле Пен постојано ги отфрла обвинувањата, кои се однесуваат на периодот од 2004 до 2016 година. Обвинувањата се насочени и кон партијата „Народно собрание“ и кон одделни нејзини вработени и соработници.

Станува збор за фиктивно ангажирање на соработници на неколку француски европратеници, објаснува ДПА. Главното обвинување е дека партијата на Ле Пен добила пари од Европскиот парламент за персонал за луѓе кои всушност веќе работат за партијата.

Виена – На вчерашните парламентарни избори во Австрија победи ултрадесеничарската Слободарската партија (ФПО), освојувајќи околу 29 проценти од гласовите.

На изборите гласале 6,3 милиони граѓани (78 проценти), а во кампањата доминираа прашањата за миграцијата и азилот, економските проблеми и војната во Украина.

Според освоените гласови ФПО би требало да има 56 од вкупно 183 пратеници, додека конзервативците би добиле 52, а социјалдемократите 41 пратеничко место.

Но, дали ФПО ќе најде партнер за формирање на стабилна коалиција останува отворено прашање, бидејќи лидерите на партиите не се расположени за соработка со партија со нацистичка идеологија.

ФПО е формирана во 50-тите години од минатиот век од поранешни членови на СС и други нацистички ветерани, а предизборната кампања беше насочена кон странците, ветувајќи дека ќе изгради „тврдина Австрија“ за да ги спречи мигрантите.

Техеран - Иранското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека земјата нема да ги остави без одговор „криминалните активности на Израел“. 

-Иран нема да остави без одговор ниту едно од криминалните акти на Израел, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, прецизирајќи дека станува збор за ликвидации на лидерот на Хезболах Сајед Насрала и заменик командантот на иранскиот Револуционерната гарда, Абас Нилфорушан, во Либан, пренесуваат британските медиуми. 

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги осуди израелските напади врз регионалните сојузници на Техеран, велејќи дека на Израел не треба да му се дозволи да ги напаѓа една по една земјите од иранската „оска на отпорот“ и предупреди дека таквите акции нема да останат без одговор.

Женева - Повеќе од 100.000 луѓе под Либан преминале во Сирија по ескалацијата на конфликтот меѓу израелските сили и либанската група Хезболах овој месец, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Меѓу бегалците има и либански и сириски државјани, напиша тој на социјалната мрежа X.

УНХЦР обезбедува помош за бегалците кои пристигнуваат на четири гранични премини, додаде тој.

Подгорица – Според прелиминарните резултати од вчерашните избори во Подгорица ниту една од листите поединичено не освоила доволен број гласови за самостојно да формира власт.

Демократската партија на социјалистите (ДПС) освои 19 мандати во градскиот парламент, Движењето Европа сега (ПЕС) и Демократите освоија 14 мандати, додека коалицијата предводена од некогашниот Демократски фронт (ДФ) има 13 мандати, За подобра Подгорица – шест, Европскиот сојуз – три, Пресврт и Партија на европскиот прогрес (СЕП) освоија по две места.

Градското собрание на Подгорица има 59 места, а за мнозинство потребни се 30 мандати. За формирање на градска власт ќе решава коалицијата За подобра Подгорица, која со Граѓанското движење Обединета реформска акција (ГП УРА) на поранешниот премиер Дритан Абазовиќ и Движењето за промени (ПЗП) на Небојша Медојевиќ.

Тирана- Пратеничката на албанската опозициска Демократска партија, воедно и потпретседателката на ЕПП-жени, Албана Вокши, побарала од Европските народни партии (ЕПП) и европските институции да ги поддржат напорите на опозицијата и граѓаните за да се вратат во Албанија, според неа, владеење на правото, преку почитување на гласот за слободна, независна правда и спроведување на Уставот.

На Форумот на жени на Европската народна партија, кој ја одржа Есенската академија во Маракеш, Мароко, Вокши истакна дека Албанија има три главни проблеми: големата корупција на владата, недостатокот на владеење на правото и политичка контрола на правдата и масовниот егзодус на албанските граѓани.

Остани поврзан