• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

18 септември 2024 

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје собрале вкупно 1 370 кубни метри кабаст отпад од сите скопски општини во периодот од 5 август до 13 септември годинава.

-Во рамки на акциите за собирање кабаст отпад, жителите на скопските општини имаа можност да ги одложат својот стар мебел и покуќнина на повеќе локации во близина на своите домови, каде ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје постави посебни садови наменети за одлагање на кабастиот отпад, стои во соопштението.

Во општините Центар и Ѓорче Петров биле одложени по 130 кубни метри кабаст отпад, во општина Карпош 170 кубни метри, а во општина Кисела Вода 150 кубни метри.

Во општините Сарај и Аеродром биле одложени по 80 кубни метри кабаст отпад, во општина Гази Баба 160 кубни метри, во општина Чаир 170 кубни метри, а во општините Бутел и Шуто Оризари по 150 кубни метри кабаст отпад.

Делчево - Родител на пет деца од делчевското село Тработивиште бара материјална помош за подобрување на условите за живот во нивниот дом во селото. 

Ариф Асанов, кој заедно со неговата сопруга имаат скромни примања, не е во можност сам да купи материјал за оспособување на простор за основни хигиенски потреби заради што реши да ја побара поддршката од хуманите граѓани.

-Две собички имам, сакам да доуредам простор за купатило, а и покривот исто е паднат. Само јас сум вработен, жената се грижи околу децата. Тие одат на училиште, а јас со моите примања не можам да успеам да направам купатило. Една плата е, сакам, но не можам да постигнам, вели Асанов.

Доколку обезбеди материјал, вели дека сам ќе ги заврши градежните работи, а добил ветување од соседите дека и тие ќе му помогнат.

Скопје - Почна доградбата на Општинското основно училиште „Блаже Конески“ во Мичурин во општина Аеродром. Станува збор за проект вреден 200 милиони евра финансиран од Општината и поддржан од Владата. Доградбата ќе се спроведува во две фази, а во првата фаза во наредните 18 месеци училиштето ќе добие дополнителни десет училници и осум кабинети по предметна настава. 

Проектот предвидува и голем хол со бина, главни скали и лифт, кујна со трпезарија, нови тоалети и тоалет за лица со посебни потреби, како и други сервисни простории.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој денеска присуствуваше на почетокот на доградбата, изјави дека ова е едно од најстарите училишта во Аеродром, изградено уште во 1954 година.

Охрид – Трансформација на системот за справување со кризни ситуации и начините за подобрување на состојбите по однос превентивното делување беа тема на дискусија на денешниот состанок во Охрид на заменик-претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски и градоначалникот Кирил Пецаков со претставници на надлежните субјекти и служби што беа непосредно ангажирани во справувањето со кризната ситуација предизвикана од пожарите во атарот на Општина Охрид.

-   Летните пожари од сезоната се огледало на нефункционалноста на системот и оттаму потебата од негова трансформација...Потребна е сериозна анализа на причините што доведоа до ситуацијата што се сличи ова лето и врз основа на таа анализа да се изготви стратегија што ќе се изработува етапно. Во таа насока ќе биде потребна измена на неколку закони, изготвување нов закон за пожарникарство, како и проширување на опфатот на институциите и субјектите што ќе бидат вклучени во системот за справување со кризи, рече меѓу другото вицепремиерот Димовски.

Тој како клучна ја посочи и превентивата во справувањето со кризните ситуации, независно за каква непогода станува збор.

Охрид - Светската и регионалната безбедност и стабилност, начините за зајакнување на мултилатералната полициска соработка помеѓу членството на Интернатионалната полициска асоцијација (ИПА), поголема професионалност на вработените во полициските служби низ најразлични видови едукација и размена на искуства се меѓу главните теми на кои се расправа на 67. Светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација што се одржува во Охрид.

Како што посочи Мартин Хофман, претседетел на Интернационалната полициска асоцијација, работата на аосцијацијата е да се направи поврзување на државите со засилена полициска соработка, низ најразлични облици и на сите нивоа.

Овие собири секако ни помагат во размена на искуства и добри практики, сето во насока на справуавање со криминалот во сите негови облици...Понекогаш соработката на ова ниво какво што е членството во ИПА дури е и попродуктивно и од онаа реализирана преку официјалните канали на комуникација.  Како аполитична организација секако се обидуваме да помогнеме во фукнционалноста на  севкупната соработката помеѓу полициите во регионот, но и во светски рамки, додаде Хофман.

Куманово - Заврши проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел, подобрување на животната средина“ кој заеднички го спроведуваат двете јавни претпријатија „Водовод“ од Куманово и „Водовод“ од Врање, Србија.

На денешната завршна прес-конференција менаџерите на претпријатија кажаа дека е одличен проект преку кој двете претпријатија набавија градежни машини за потребите на граѓаните. Проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел, подобрување на животната средина“ има за цел да понуди поквалитетни услуги кон граѓаните преку набавка на опрема за двете претпријатија. Проектот го спроведуваше центарот за развој на североисточниот плански регион. Вкупниот буџет за проектот изнесуваше над 317.000 евра од кои кумановски „Водовод“ доби над 187 илјади, додека претпријатието од Врање над 129 илјади евра.
„Водовод“ набави специјална опрема, цистерна за миење под притисок, а сродното претпријатие од Србија, машина за интервенции на водотеци и атмосферски колектори.

Скопје  - Општина Центар обезбеди лични асистенти за 23 ученика со посебни образовни потреби, со што во целост им одговори на барањата на основните општински училишта за овој вид инклузивна поддршка. Од општинските служби најавуваат дека по адаптацијата на првачињата, можно е да се јави потреба од зголемување на бројката на лични асистенти за што локалната самоуправа има обезбедено средства во буџетот. Потенцираат дека повеќето ангажирани асистенти имаат долгогодишно искуство во оваа проблематика, а меѓу нив има лиценцирани и стручни лица.

-Запознат сум со профилот на личните асистенти со кои ги потпишавме договорите за работно ангажирање во проектот „Образование за сите”. Можам да кажам дека и годинава имаме квалитетен кадар. Асистентите се од голема помош за севкупниот наставен процес. Со нивна поддршка на учениците им се обезбедува полесен пристап и движење низ училишните простории, совладување на образовните содржини и адаптација и прифаќање во средината, посочува градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Личните асистенти, како што информираат од Општина Центар, се ангажирани со скратено време од 20 работни часа неделно, во период од 9 месеци.

Кавадарци -  Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска им додели благодарници на сите кои учествуваа во организацијата на „Тиквешки гроздобер 2024". 

- Сево ова немаше да биде можно без сите оние кои се вклучија во организацијата и на кои им благодарам.  Тука, прво се мисли на сите служби на Општина Кавадарци и сите институции вклучени во текот на сите три дена. Потоа на сите помагатели, поддржувачи и донатори од бизнис секторот. Винариите и угостителите кои се всушност и носители на овој настан, на медиумите кои го следеа секое случување, секој настан и информираа за тоа и секако, најголема благодарност на кавадарчани, кои како и секогаш се покажаа не само како добри домаќини, туку и учесници и секако благодарност до сите посетители и гости од Македонија и надвор од неа, нагласи Јанчев. 

Според градоначалникот, најважно беше тоа што сите три дена беше безбедно за секој и секаде. 

- Имавме успешни и исполнети три дена, културни, забавни и музички содржини. Имавме програма за сечиј вкус. Успешен карневал, гости и делегации од секаде и секако од државниот врв. Имавме успешен ,,Тиквешки гроздобер", додаде градоначалникот.

Традиционалната стопанско - туристичка и културна манифестација се одржа на 6, 7 и 8 септември.

Куманово - Жителите на неколку населби од Куманово каде претежно живеат припадници на ромската етничка заедница, ќе добијат ново осветлување, соопштија денеска надлежните од општината. Денеска беше предадена опремата за инсталација на соларните светла за одредени локации, со што започнаа активности во рамка на проектот „Донација за улично осветлување“, што се спроведува во рамки на договорот кој го потпишаа општина Куманово и Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико од Скопје.

Како што наведуваат од општината за реализација и монтажа е ангажирана фирмата „ИЦС Системи“, јавен приватен партнер на општината, чија функција е одржување и унапредување на уличното осветлување. Во акцијата доброволно ќе учествуваат и претставници од ромската заедница, бидејќи опремата за осветлување ќе биде поставена на локации каде претежно живеат припадници на оваа етничка заедница.

Велес - Општина Велес продолжува со доделување на еднократна парична помош за секое новороденче во општината, во висина од 3 илјади денари. Право на еднократна парична помош има секое новороденче родено на територијата на Општина Велес, од 1 јануари 2023 година.

Повеќе информации околу критериумите и начинот на исплата можете да најдете на следниот линк: bit.ly/3HbXtih

Барање за доделување на еднократна парична помош може да се  подигнете во архивата на Општина Велес или да се пополни  електронски. 

Куманово - Инфраструктурно уредување на зоната во Речица, изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ се трите проекти со кои аплицираше општината Куманово на владиниот повик за развој на општините, информираа денеска надлежните од секторот за комунални дејности.

- Изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел внатрешни сообраќајници во индустриската зона. Проектот за општината е еден од клучните и е од значење за економскиот развој на општината. Таму веќе функционираат неколку домашни и странски компании, изјави раководителката на Секторот за комунални дејности, Лидија Ланг Спасовска.

Остани поврзан