21 јануари 2025
Куманово - Покрај градот и централните улици во Куманово се чистат и патиштата кон селата, соопштија на денешната прес-конференција надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“. Исчистени се патиштата кон селата Тромеѓа, Пчиња, Режановце, населени места и приградски населби во околината на градот.
Според првичните информации од претпријатието, до претпладневните часови над 80 отсто од градските улици биле проодни и безбедни за сообраќај. Екипите континуирано вршат посипување на сол и ризла, а на терен се ангажирани специјализирани машини за механичко расчистување.
-Работиме интензивно и континуирано. Машините се постојано на терен, а посипувањето со сол се врши на сите ризични делници. Располагаме со доволни количини, а по потреба можеме дополнително да обезбедиме сол од нашите добавувачи, изјави директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.
Кавадарци - Нов модерен био пазар се гради во Кавадарци, информираа денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Притоа истакнаа дека се работи за инвестиција во здравјето, земјоделието и локалниот развој.
- Ваквиот пазар ќе биде прв од ваков вид во Тиквешкиот регион, инвестираме во здравјето, земјоделието и локалниот развој во Кавадарци, соопштија од кабинетот на градоначалникот.
Оттаму подвлекоа дека овој проект има за цел да обезбеди современ, уреден и сертифициран простор каде локалните земјоделци, органски производители и мали семејни бизниси ќе можат директно да ги продаваат своите производи, без посредници - по фер цени, со зголемена доверба од потрошувачите.
- Со овој капитален проект инвестираме во три столба - здравјето на граѓаните, економската моќ на нашите производители и одржливата иднина на Кавадарци. Ова е простор каде локалното добива вистинско значење, информираа од градоначалничкиот кабинет.
Куманово - Повеќе програми, наменети за различните категории граѓани предвидува програмата за социјална заштита на Општина Куманово, информираа на денешната прес-конференција надлежните од секторот. Програмата изнесува над 25,7 милиони денари.
-Програмата на Одделението за социјална заштита, здравствена заштита и заштита на децата, од општинскиот буџет се издвоени значителни финансиски средства за неколку клучни мерки кои имаат директно влијание врз секојдневниот живот на најзагрозените семејства, изјави ракводителот на Секторот, Александар Крстевски.
Демир Капија - Заради снежните врнежи, надлежната служба на општината од раните утрински часови ја започна активноста за расчистење на улиците, информираше градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева. Таа истакна дека се работи континуирано со цел обезбедување безбедна и непречена проодност за сите граѓани.
- Наш приоритет е безбедноста и нормалното одвивање на сообраќајот. Апелирам до граѓаните и учесниците во сообраќајот за внимателно движење и разбирање, нагласи таа.
Притоа додаде дека службата ќе вложи максимални напори, во рамките на своите можности, најдобро што може, да одговори на задачите за расчистување во зимски услови.
Крива Паланка - Товарно возило рано утрово излетало во провалија на магистралниот пат А2, Куманово - Крива Паланка - граничен премин Деве Баир, при што загинал 56- годишниот возач, косовски државјанин.
Од Секторот за внатрешни работи Куманово информираат дека несреќата се случила утрово околу пет часот.
-На 21 јануари 2026 во 4 часот и 50 минути во Одделнието за внатрешни работи Крива Паланка е пријавено дека на магистралниот пат граничен премин Деве Баир - Крива Паланка - Куманово во атарт на село Узем, кривопаланечко, товарно возило „сканиа“ со косовски национални ознаки, управувано од 56- годишниот Н.Х. од Косово, излетало од патот и паднало во провалија. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Н.Х., а лекар од итна медицинска помош Крива Паланка констатирал смрт, информира Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.
Посочи дека бил извршен увид, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција.
Охрид – Градоначалникот на Охрид, Кирил Прецаков, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, која е во прва официјална посета на Охрид.
На средбата на присуствувала и Деспина Ипиоти, конзул на Република Грција во Битола, Пецаков ги запознал соговорничките со актуелните проекти на кои работи Општина Охрид за заштита на животната средина и Охридското Езеро, во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО.
Било разговарано и за актуелниот проект за отворање на Регионалната депонија која ќе го опфати Охридскиот и Пелагонискиот регион.
„Заедно со амбасадорката изразивме надеж за продлабочување на прекуграничната соработка во повеќе области, особено во делот на туризмот, заштита на животната средина и културата“, вели Пецаков.
Кавадарци - Две лица се здобиле со тешки повреди при извршување работи, биле примени во болницата во Кавадарци, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Вчера во 9:28 часот во ОВР - Кавадарци е пријавено дека во Општа болница - Кавадарци со тешка телесна повреда бил донесен Ѓ.Д., на возраст од 29 години од Неготино. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи во фирма во Кавадарци. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од ОВР - Кавадарци во содејство со трудов инспектор, соопштија од СВР - Велес.
Вчера во 9:30 часот во ОВР - Кавадарци било пријавено дека во Општа болница - Кавадарци со тешка телесна повреда бил донесен Н.Т., на возраст од 25 години од село Дабниште, кавадаречко. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување работни задачи за јавно претпријатие во Кавадарци. За настанот биле известени јавен обвинител и трудов инспектор.
Неготино - Во полиција биле пријавени случаи на фрлање отров низ Неготино и газење кучиња со возила.
Од Секторот за внатрешни работи - Велес попладнево информираа дека вчера во 11:20 часот во ОВР - Неготино, од Општина Неготино било пријавено дека во периодот од 1 јануари до моментот на пријавување, на повеќе локации во Неготино било извршено расфрлање на отров и прегазување на кучиња со возила.
- Според пријавеното, сите кучиња биле подложени на хуман третман од страна на стационар за животни. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, соопштија од СВР - Велес.
Градоначалничката Марија Нацева претходно напиша на „Фејсбук“ дека со длабока загриженост ги следи пријавите и сведоштвата за труење и сурово постапување со кучиња во Неготино.
- Ова го осудувам најостро. Вакви дејствија не смеат да се случуваат во градот во кој живееме, напиша градоначалничката.