• понеделник, 23 декември 2024

МЗ: Клучна раната детекција и превенција за рак на грло на матка - жените се третираат согласно европски медицински протоколи 

МЗ: Клучна раната детекција и превенција за рак на грло на матка - жените се третираат согласно европски медицински протоколи 

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Министерството за здравство соопшти дека во Програмата за скрининг за рак на грло на матка за 2023 година, како и досега, утврдена е активност за матични гинеколози, кои во рамките на програмата можат да направат ПАП тест кај жени на возраст од 21 до 59 годишна возраст, кои три години немааат направено пап тест. 

Од Министерството информираат дека во текот на годината, пациентката која ќе се јави кај матичен гинеколог може да направи и дополнителен гинеколошки преглед со ПАП тест, согласно медицинска индикација утврдена од матичниот гинеколог. Посочуваат дека дополнителните прегледи утврдени од матичниот гинеколог се на товар на ФЗОМ, а пациентот плаќа партиципација за прегледот. 

-За успешно спроведена скрининг превенција се смета доколку во период од три години се опфатат 75 отсто од целната популација на жени. Затоа, од октомври 2022 година со измените во Програмата за рана детекција на малигните заболувања на Република Северна Македонија за 2023 година, Министерството за здравство воведе и мобилни гинеколошки амбуланти, кои се дел од Програмата на Министерството, посочуваат од Министерството.  

При посетите на пациентките во мобилните гинеколошки амбуланти, како што наведуваат од Министерството, се остварува и целта да се подигне свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи, препорачаните периодични  гинеколошки прегледи и ПАП тест, кои овозможуваат рано откривање на ракот на грлото на матката.

-Истовремено, пациентките добиваат и совети за планирање на семејството и безбедно мајчинство. Услугите се наменети за жени и девојки од ранливи семејства, во потешко достапни рурални области. Препораки за скринингот на рак на грло на матка во Европа, согласно Регионалниот центар за рак се следните: Словенија - еднаш на три години, Италија - еднаш на три години, Франција - еднаш на три години после два последователни негативни теста, Унгарија - еднаш на три години, истакнуваат од Министерството.

Од Министерството за здравство информираат дека главна цел е да се намали инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката во Северна Македонија, да се зголеми бројот на лица опфатени со организираниот скрининг да се подигне свеста кај жените за важноста од редовни превентивни прегледи и вклученост во организираниот скрининг да се зголеми бројот на гинеколози вклучени во организираниот скрининг. фф/нд/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан