• понеделник, 23 декември 2024

Меџити: Лично ќе иницирам инспекциски надзори и при најмал сомнеж за оштета на пациенти 

Меџити: Лично ќе иницирам инспекциски надзори и при најмал сомнеж за оштета на пациенти 

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Лично ќе иницирам инспекциски надзор за секој случај за кој постои и најмал сомнеж за оштета на пациенти, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната работна средба со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Рената Младеновска.

На средбата која се реализираше по иницијатива на министерот Меџити, како што соопшти Министерството за здравство, беше разговарано и за актуелните случувања во здравството, за кои Министерството за здравство иницираше вонреден инспекциски надзор.

-Министерството за здравство будно ја следи работата на сите јавни здравствени установи и е во постојана координација со раководните структури. Нема да дозволиме да останат нерасчистени случаи, мора да има одговорност кога е здравјето на граѓаните во прашање. Секаде каде што ќе се отвори дилема дали е обезбедена соодветна здравствена заштита за пациентите и дали тие добиле соодветен третман ќе иницираме надзор на теренот, потенцираше Меџити. 

Тој истакна дека улогата на ДСЗИ во здравствениот систем е огромна и дека оваа институција мора сериозно да ја спроведува својата работа и транспарентно да известува, бидејќи од неа во голема мера зависи довербата на пациентите во јавното здравство.

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат е постојано на терен и врши надзор преку редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори во сите здравствени установи. Фокусирани сме на делот на обезбедување квалитетна здравствена заштита и остварување на правата на пациентите. На секоја добиена претставка или налог од министерот за здравство ние соодветно постапуваме, посочи Младеновска. 

Директорката на ДСЗИ за време на средбата информираше и за вонредниот инспекциски надзор реализиран во врска со случајот на мртвородно бебе во КБ Битола, за кој рече дека е завршен и дека наскоро се очекуваат резултатите кои ќе бидат во детали соопштени во јавноста, од страна на ДСЗИ.

Младеновска истакна дека ќе продолжи посветено да работи, со цел институцијата со која раководи да постапува навремено и ажурно. дма/ац/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан