• петок, 22 ноември 2024

Меркел: Мислев дека нема да го доживеам обединувањето на Германија

Меркел: Мислев дека нема да го доживеам обединувањето на Германија
Берлин, 3 октомври 2020 (МИА) - По повод 30-годишнината од повторното обединување на Германија, германската канцеларка Ангела Меркел даде необично интервју - за седум новинари, главни уредници на весници од истокот на земјата. Поради коронавирусот, таа ги прими во големата конференциска сала во канцеларијата, што не практикува, пишува Дојче Веле.. Новинарите прво забележаа дека канцеларката ретко го споменува фактот дека пораснала во источна Германија. Ангела Меркел рече дека нејзиното потекло е едноставно дел од неа и дека тоа формира некои нејзини карактеристики, на пример, „желбата за слобода “. Меркел, која во времето на германското обединување имала 36 години, вели дека не очекувала да се случи обединување за време на нејзиниот живот и дека е среќна што една Германка од Источна Германија станала канцелар на земјата. - Се до падот на Берлинскиот ѕид не очекував дека обединетата Германија ќе стане реалност до крајот на мојот живот. Го планирав својот живот, мислејќи дека тоа нема да се случи долго време. Кога стана реалност, тоа беше прекрасно искуство што ме научи дека промената може да значи нешто добро, дека промената на подобро е можна, рече Меркел. Канцеларката го спомена своето искуство во ГДР во март, обраќајќи и се на нацијата кога воведе строги ограничувања поради пандемијата на коронавирусот. Во март, морав строго да ги ограничам правата на луѓето на слобода. Морав да им кажам на луѓето дека само членовите на исто домаќинство имаат право да одат заедно на улица, дека не се дозволени настапи, дека децата не смеат да ги посетуваат своите родители во дом за стари лица - тоа беа сериозни ограничувања и тоа предизвика во мене споредби на ГДР за која зборував во тоа време, рече Меркел. Новинарите констатираа дека во последниве години, многу граѓани од Источна Германија ги критикуваа нејзините политики. - Пред се, задоволство ми е што сега живееме во слобода и што оние кои имаат поинакво мислење не треба да се плашат од прогонства, како порано. Но, тешко е да се даде одговор кога само се галами. За тоа е потребна подготвеност за дијалог, рече Меркел. На прашањето во што ги гледа најголемите предизвици во иднина, канцеларката рече: „Кохезијата, заедницата на луѓе во Германија, останува многу голема задача“. - Веќе не станува збор само за спојување на Истокот и Западот. Одржувањето на единството на една земја во 21 век значи, до одредена мерка, да има правда за сите.Сакам што повеќе луѓе да можат да кажат дека се чувствуваат пријатно во нашата земја, истакна Меркел. Германија се обедини на 3 октомври 1990 година, по четири децении од Студена војна. Источна Германија се приклучи на Западната Сојузна Република помалку од една година по падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година. Иако од тогаш е постигнат голем напредок, економските и другите разлики помеѓу Западот и помалку просперитетниот Исток остануваат. паг/

Остани поврзан