• петок, 22 ноември 2024

МЕМО: Формиран Oдбор за организираниот пазар на електрична енергија 

МЕМО: Формиран Oдбор за организираниот пазар на електрична енергија 

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Формиран е Одбор за организираниот пазар на берзата за електрична енергија во рамки на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија - МЕМО, составен од девет членови, учесници на националната берза, информираат од МЕМО.

Конститутивниот состанок, како што нагласуваат, го водел Симон Шутиноски, управител на МЕМО кој ја истакнал важноста од формирањето на Одборот, согласно општите правила за работа на организираниот пазар на електрична енергија.

- Целта е да се добие поголема транспарентност во работењето на берзата за електрична енергија и да им се овозможи на самите учесници да влијаат во подобрување на работењето, се наведува во соопштението. 

За претседател е избрана Xристина Давидовска, управителка на Енерџи Фајненсинг ТИМ ДООЕЛ Скопје, која на состанокот изразила благодарност за искажаната доверба и подвлечла дека Одборот како независно тело ќе даде придонес во работењето на берзата. За заменици претседатели избрани се Антонио Ивановски, главен инженер на АД ЕСМ и Драган Наумовски, комерцијален директор на ТЕ-ТО АД Скопје. 

-Членовите и раководството на Одборот за организиран пазар се избираат за период од две години. Во рамките на своето функционирање Одборот има улога во унапредување на работата на пазарот - ден однапред, воведување нови производи на пазарот, модернизирање и следење на светските трендови во овој домен. Поточно, дел од целите на Одборот се предлагање на измени и дополнувања на правилата за организиран пазар на електрична енергија, како и давање мислење за предлозите за организираниот пазар на електрична енергија, велат од МЕМО.

Со формирањето на Македонската берза на електрична енергија и функционирањето на пазарот - ден однапред во мај минатата година, како што посочуваат, е направен клучниот исчекор во начинот на работење и разбирање на пазарот на електрична енергија на големо, со што е овозможено сите учесници да можат да тргуваат на транспарентен недискриминирачки начин, што е пракса за големите западноевропски организирани пазари на електрична енергија.

-За сите 30 реномирани регистрирани учесници, МЕМО-берзата на електрична енергија претставува сигурно место за тргување на електрична енергија - ден однапред по релевантни цени за секој час од денот, порачуваат од МЕМО. вј/бак/

Фото: МЕМО

 

Остани поврзан