Мелатонинот може да го подобри квалитетот на сонот
- Но, мелатонин не треба да земаат луѓе со епилепсија и оние кои користат антикоагуланси. Мелатонинот не се препорачува за луѓе со деменција. Се советуваат и консултации со лекар или фармацевт.
Лос Анџелес, 2 септември 2022 (МИА) - Стручните проценки говорат дека околу 35 отсто од луѓето ширум светот страдаат од несоница и оти многумина користат фармацевтски лекови за спиење, што предизвикуваат долгорочна зависност и вклучуваат бројни несакани последици.
За полесно заспивање и поцврст сон, исклучително е важно нивото на хормонот мелатонин, што во мозокот се лачи од мала жлезда со големина на грашок - епифизата. Станува збор за хормон што мозокот го произведува ноќе. Тој помага во регулирање на деноноќниот ритам (24-часовниот „внатрешен часовник“) и спиењето. Изложеноста на светлина во текот на ноќта може да го блокира производството на мелатонин. Нивото на мелатонин може да се зголеми на природен начин и преку храна што ја содржи аминокиселината триптофан, што во телото се претвора во мелатонин. Во таа смисла, познавачите препорачуваат банани, овесна каша, ананас, јачмен, ориз, семки од тиква, бадеми, ореви и цреши. Истражувањата покажуваат дека мелатонинот е и многу полезен додаток во исхраната. Имено, тој може да помогне при одредени состојби, како што се нарушување на фазата сон-будење, кревок сон кај децата, анксиозност пред и по операција итн. Но, мелатонин не треба да земаат луѓе со епилепсија и оние кои користат антикоагуланси. Мелатонинот не се препорачува за луѓе со деменција. Се советуваат и консултации со лекар или фармацевт. Несакани последици може да бидат главоболка, вртоглавица и возбуда. си/сд/