• сабота, 21 декември 2024

Медведев: Бајден можеби решил да го напушти животот, повлекувајќи дел од човештвото со себе

Медведев: Бајден можеби решил да го напушти животот, повлекувајќи дел од човештвото со себе

Москва, 19 ноември 2024 (МИА) - Дмитриј Медведев, поранешен руски претседател и актуелен заменик шеф на рускиот Совет за безбедност, се огласи по дозволата на претседателот Џо Бајден за користење американско оружје за напади длабоко во Русија и по одобрувањето на ажурирана верзија на руската нуклеарна доктрина од страна на Владимир Путин.

„Откако малку се спушти прашината што ја кренаа западните весници, очигледно е дека и покрај очигледната пропагандна намера на изданијата, ова што се случува може да има многу сериозни последици.

1. Не е толку важно кој и кога ја донел одлуката за употреба на тактички балистички и крстосувачки ракети на НАТО со долг дострел длабоко на руска територија. Згора на тоа, веќе имаше обиди за нивна употреба против нашата држава.
2. Не е толку важно колку има непријателот денес. Како и фактот дека нивната употреба, според мислењето на нашите непријатели, треба да има не само воен, туку и информативен ефект.
3. Не е толку важно што овие ракети не можат значително да придонесат за воените дејствија на непријателот.
4. Не е толку важно што со ваквите одлуки актуелната американска администрација намерно создава таква ескалација на конфликтот со кој ќе треба да се справи тимот на Трамп.
5. Едно е важно – она што го изјави шефот на руската држава на 12 септември. И како резултат на тоа, денеска беше одобрена нова верзија на Основите на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање. Користењето на ракетите на алијансата на овој начин сега може да се оквалификува како напад врз Русија од страна на земјите од блокот. Во овој случај, произлегува правото да се изврши одмазднички напад со оружје за масовно уништување против Киев и главните објекти на НАТО, каде и да се наоѓаат. И тоа е веќе трета светска војна.

Можеби старецот Бајден навистина решил грациозно да го напушти овој живот и да понесе со себе значаен дел од човештвото“, напиша Медведев на Телеграм. ссм/

фото: архива

Остани поврзан