• недела, 22 декември 2024

МД "МОСТ" од Голо Брдо даде поддршка за обединување на Македонците во Албанија

МД

Дебар, 18 јули 2024 (МИА) - Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија, друштво "Преспа" информираше дека продолжува обединувањето на Македонците во оваа земја.

Прогласат на друштвото за семакедонско помирување и обединување, објавен неодамна,  го потпиша и Бесник Хасани, претседател на македонското друштво "МОСТ" од Голо Брдо. 

- Нам Македонците не ни се потребни поделби, туку единство, кое не прави посилни во битката за остварување на нашите легитимни права и  зачувувањето на македонскиот идентитет, култура, јазик, изјави за МИА, Едмонд Темелко, претседател на друштвото "Преспа".

Пред два дена прогласот го потпиша Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво "Илинден" - Тирана.

Од друштвото "Преспа" се убедени дека истото ќе го сторат и другите македонски друштва.

Во Албанија, покрај овие асоцијации на Македонците, во судскиот регистар се запишани и активни се и друштвата " Сонце" и "Прегор".

Темелко потсетува дека прогласат го упатиле "соочени со агресијата на бугарската асимилација на Македонците во Албанија и свесни за последиците од антимакедонизмот на Софија во Албанија“. 

Исто така, не признавајќи ги " фалсификуваните и манипулирани резултати од пописот", се изразува подготвеност сами да организираат неформален попис на Македонците во Албанија, поради „недовербата во Институтот за статистика на Албанија". вт/сст/

 

Фото: Друштво "Преспа"


 

 


 

Остани поврзан