• понеделник, 23 декември 2024

МД „Илинден“-Тирана со свој штанд на конгресот на ФУЕН во Берлин 

МД „Илинден“-Тирана со свој штанд на конгресот на ФУЕН во Берлин 
Тирана, 4 октомври 2022 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана, со свој штанд се претстави на саемот, како дел од 66. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), што се одржа во германскиот град Берлин. Според претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, претставниците на малцинствата од Европа, на свои штандови претставиле дел од традиционалани производи, како и пропаганден материјал. - Македонско друштво „Илинден“-Тирана третпат се претстави со свој штанд, со производи кои Македонците во Република Албанија ги произведуваат, ајвар, ракија, вино. Имавме и пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од единствениот весник на македонски јазик „Илинден“, информираше Ѓурѓај за МИА. Ѓурѓај, кој беше активен учесник на Конгресот, не го крие задоволството од покажаниот интерес од присутните, кои во голем број го посетиле штандот. Конгресот бил организиран од четирите автохтони национални малцинства во Германија и малцинскиот совет, кој бил домаќин на овој значаен собир на ФУЕН. Работата на малцинскиот совет се состои првенствено од промовирање и заштита на правата и интересите на четирите автохтони национални малцинства во Германија, Фризите, Данците, Ромите и Лужичките Срби. Македонското друштвото „Илинден“-Тирана член на ФУЕН е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства. Во овој период редовно учествува на конгреси и други активности, а по предлог на друштвото усвоена беше и Резолуција за правата на македонското малцинство во Албанија. - За Резолуцијата гласаа сите 150 делегати, претставници на 103 организации од 35 земји во Европа. Целта на усвоениот документ е подобрувањето на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија и зачувување на македонскиот идентитет и култура во регионите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник населени со чисто македонско население, рече Ѓурѓај. вт /цр

Остани поврзан