• петок, 31 мај 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 23 март 2023 (МИА) - На 22.06.2023 во 21.15 часот на подрачје на Аеродром, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.Г.(21) од Скопје. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 22.06.2023 во 04.30 часот на улицата „Панко Брашнаров“ во Штип, полициски службеници од Полициската станица Штип го привеле Е.И.(29) од Штип. Тој бил осуден на казна затвор од пет години за сторени кривични дела „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик, а бил баран по централна потерница за доиздржување на три месеци од казната. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Струмица за доиздржување на казната.

На 23.06.2023 во 00.30 часот на булевар „Ослободување“ во Кичево, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Кичево го лишиле од слобода В.Ц.(36) од Кичево, затоа што кај него бил пронајден и одземен кокаин. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 22.06.2023 во ОВР Прилеп, Р.Ј.(49) од Прилеп пријавил дека на место викано „Плетвар“, прилепско, при ископ на темел за викенд куќа пронашол артилериска граната калибар 75 мм од Првата светска војна. Гранатата била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување за понатамошна постапка.

На 22.06.2023 околу 21.00 часот во атар на селото Пласница, полициски службеници од ОВР Македонски Брод ги лишиле од слобода М.Б.(34), М.Р.(41) и Џ.Џ.(64), сите од село Пласница. Тие биле затекнати како со возило „фолксваген венто“ превезуваат огревни дрва без документација. Возилото и дрвата биле одземени за понатамошна постапка, а по целосно документирање на случајот против лицата ќе следува соодветна пријава.

На 22.06.2023 во 11.30 часот на граничен премин „Табановце“, полициски службеници ги лишиле од слобода В.К.(61) и Г.К.(58), двајцата од Република Србија, затоа што по извршена пасошка контрола било констатирано дека се наоѓаат на Стоп – листата, бидејќи се предмет на потрага со меѓународна потерница издадена од Интерпол. Лицата се предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.

На 22.06.2023 во 19.30 часот на граничен премин „Долно Блаце“, полициски службеници го лишиле од слобода Б.М.(31) од Република Албанија, со македонска лична карта за привремен престој, затоа што по извршени гранични проверки било констатирано дeка за него има мерка „апси“ по потерница издадена од Одделението за потраги, Сектор за меѓународна полициска соработка и Полициската станица Кавадарци. Лицето било предадено на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје за понатамошна постапка.

Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 334 возачи. Од нив, 14 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 200 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 134 надвор од населено место.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 354 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 107 санкции, 27 мерки за возење без возачка дозвола, 25 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, пет мерки за технички неисправни и нерегистрирани возила. Изречени се и 15 санкции за користење мобилен телефон при управување возило, 22 мерки за некористење сигурносен појас, пет санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло...

На 22.06.2023 во 18.15 часот во Полициската станица Радовиш било пријавено дека на регионален пат Радовиш – село Ораовица, радовишко, на место викано „Рудина“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Г.В.(30) и мотоцикл „хонда“ без регистарски ознаки, управуван од С.Т.(28), двајцата од село Ораовица. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал мотоциклистот, а смрт констатирал лекар од Здравствен дом Радовиш. Увид извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш и екипа од Полициска станица Радовиш.

На 22.06.2023 околу 18.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Александар Урдаревски“, Р.С.(41) од Скопје, управувајќи трицикл, изгубил контрола и паднал на коловозот заедно со малолетна сопатничка. По несреќата, двајцата биле пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде на возачот Р.С. му биле констатирани телесни повреди. Малолетната сопатничка се здобила со тешки телесни повреди и по укажаната помош починала. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција.

На 22.06.2023 во 17.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, патничко возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.З., изгубило контрола и излетало од патот. По несреќата, М.З. била пренесена во Градската општа болница „8 Септември“ каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје.

На 22.06.2023 во  12.40 часот, С.И.(44) од Кичево во полициска станица пријавила дека на локален пат во селото Другово била касната од куче скитник. Истиот ден, Р.А.(59) од кичевското село Зајас пријавила дека на локален пат во селото била касната од куче скитник.

На 22.06.2023 во 17.45 часот во Полициската станица Центар, С.Х.(30) од Скопје пријавил дека во Градски парк бил каснат од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан