• четврток, 04 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.Т.(29) од селото Подмолје, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При преглед во неговото возило „бмв“, извршен во струшкото село Велешта, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога пронајдоа и одзедоа кокаин.   

Во рамки на континуираните активности што ги презема СВР Тетово за поголем ред и безбедност на сообраќајот, вчера (21.05.2024) во период од 09.00 до 14.00 часот спроведена е акциска контрола на пешаците и нивното однесување во сообраќајот. При контролата биле откриени и санкционирани 25 пешаци ( ТЕ-13 и ГВ-12). Најголемиот број од пешаците 18 (ТЕ-6 и ГВ-12) ги преминувале улиците надвор од обележани премини, а 7 (ТЕ) не ја почитувале светлосната сообраќајна сигнализација. Во акцијата, исто така, санкционирани се и 5 (ТЕ-4 и ГВ-1) други видови на сообраќајни прекршоци.

Вчера (21.05.2024) од 08.00 до 20.00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената, при што биле откриени и санкционирани вкупно 12 возачи (ТЕ-8 и ГВ-4) за пречекорувања на пропишаната брзина надвор од населено место. Санкционирани се и 54 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-34 и ГВ-20). На возачите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци.

На 21.05.2024 во 12.25 часот, полициски службеници од Полициската станица Аеродром го лишиле од слобода Ѓ.Р.(44) од Скопје, затоа што околу 11.00 часот во семејниот дом на подрачје на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија, физички ги нападнал својата 49-годишна сопруга и својата малолетна ќерка, а оштетил и дел од покуќнината. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветна пријава.

На 21.05.2024 во 16.35 часот во СВР Тетово, 41 – годишен државјанин на Косово пријавил дека неговата сопруга била измамена од Е.В.(45) од Тетово. Според пријавеното, во текот на минатиот месец, во комуникација преку социјалните мрежи, тој ѝ ветил дека ќе ѝ среди во Скопје да полага испит по германски јазик согласно законските прописи и, откако се договориле, таа преку брз трансфер на пари му уплатила 732 евра. Откако последните денови не им се јавувал, тие сфатиле дека биле измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 21.05.2024 во 20.10 часот во СВР Скопје, Б.К.(29) пријавила дека во својот дом на подрачјето на Гази Баба, таа и С.Д.(27), двете од Скопје, биле физички нападнати од С.Р.(32) и Е.М.(40), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Ѓ.Д.(47), поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“. Во периодот од 15.04.2022 до 10.05.2022 пријавениот, кој бил вработен како референт за сеча, дотур и превоз на дрвна маса во приватни шуми - подружница Шумско стопанство ,,Малешево“ - Берово при ЈП „Национални шуми“ Скопје, ја злоупотребил својата службена положба и овластување и извршил фалсификување на службена исправа така што од задолжените кочани со испратници за превоз на дрвна маса, каде што пред секој реализиран транспорт на дрвна маса треба да бидат пополнети четири испратници со ист сериски број, пријавениот во повеќе наврати двете од нив ги пополнувал и издавал на превозникот, по што го задолжувал да му ги врати по реализацијата на транспортот, а на останатите две испратници впишувал нереални и лажни податоци со помала количина на дрвна маса од реално издадените испратници, со различни имиња на превозници, адреси, вид на дрвна маса, во однос на другите две издадени испратници, по што се потпишувал во име на превозникот. На тој начин тој причинил материјална штета на претпријатието од 239.424 денари.

На 21.05.2024 во 20.31 часот во СВР Скопје, 30 – годишен жител на населбата Шуто Оризари - Скопје пријавил дека малолетник од истата населба се обидел да изврши обљуба врз неговата малолетна ќерка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

СВР Битола поднесе кривична пријава против Ф.П. (34) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.04.2023 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над 37 – годишник од Прилеп, при што пронашле и одзеле хероин, кој претходно го купил од пријавениот.

На 21.05.2024 во 19.55 часот во СВР Скопје од Казнено – поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во затворениот дел од женското одделение настанал пожар во една од просториите. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Х.Г.(21) и С.Б.(21), двајцата од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 07.05.2024 во Битола, пријавените со тврд предмет го нападнале В.Т.(41) од Битола и му нанеле повреда.

На 21.05.2024 во 08.50 часот во ОВР Неготино, В.Л.(73) од село Курија, неготинско, пријавил дека во селото бил каснат од куче скитник.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Д.Б.(23) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 21.08.2023 во с.Визбегово, скопско, пријавениот физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.   

 

Остани поврзан