• среда, 26 јуни 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 18 јуни 2024 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против С.М.(55) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  „бесправно градење“. Пријавениот, во својство на инвеститор, во текот на ноември 2023 на  ул. „Струшки кепенци“ започнал со доградба на објект, а притоа не поседувал соодветно одобрение за градба издадено од надлежен орган.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Н.Ѓ.(70) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавениот во својство на инвеститор, во текот на 2023, започнал со изградба на индивидуална куќа и помошен објект, без да поседува соодветно одобрение за градба издадено од надлежен орган.

Денеска во периодот од 11.00 до 12.00 часот, по преземени мерки за сузбивање на питачење на подрачјето на Центар и Бит Пазар, полициски службеници од СВР Скопје – Полициска станица Центар ги привеле Д.Ј.(24), Р.Ј.(22), Ф.Ј.(39), Б.Б.(35), А.А.(31) и З.Д.(31), сите од Скопје, кои биле затекнати како питачат на бул.„Гоце Делчев“. По документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера во СВР Скопје, сопственик на рент-а-кар фирма пријавил дека на 11.06.2024 на лицето Д.Г. (32) од Скопје му изнајмиле патничко возило „фолксваген пасат“, по што дошле до сознание дека лицето го присвоило возилото. По преземени мерки од страна на полициски службеници, на 18.06.2024 во 00.30 часот на крстосница од ул.„Џон Кенеди“ со ул.„Македонско - косовска бригада“ возилото било пронајдено и одземено од Ф.С. од Скопје, кој го управувал. Исто така, на 18.06.2024 во 01.55 часот бил пронајден и Д.Г., кој бил лишен од слобода. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во СВР Скопје, вчера во 17:24 часот И.П.(38) од Скопје, вработен во приватна агенција за обезбедување, пријавил дека околу 17.00 во магацин на продажен објект на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од вработениот Б.Ц.(49) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера околу 23.43 часот во СВР Скопје, 36-годишен маж од Скопје пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од неговата поранешна сопруга И.К.(25) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Полициски службеници од Полициската станица Драчево вчера извршеле службен разговор со А.Т.(50) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 16.06.2024 околу 21.30 часот во двор од семејна куќа на подрачјето на Драчево физички ја нападнала малолетната ќерка на нејзината јатрва, при што употребила тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 22.50 часот во СВР Скопје, М.А.(41) од Скопје пријавила дека околу 22.00 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од Ц.Т.(39) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје вчера во 23:55 часот било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.З.(29) и А.Д.(23), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во Полициската станица Струга било пријавено дека на 16.06.2024 околу 19.00 часот настанал пожар во помошна просторија, сопственост на М.С.(55) од с.Делогожда, струшко. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од екипа на Територијлалната противпожарна единица. Увид извршила увидна екипа од ОВР Струга.

Во СВР Скопје вчера било пријавено дека околу 23.30 часот во с.Бардовци, скопско, настанал пожар во фабрика сопственост на А.А.(62). Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 00.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Боро Менков“ настанал пожар во стан сопственост на Д.В (40) од Скопје. Од Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а поради вдишување чад сопственикот бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје за укажување помош. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.   

Вчера во 21.00 часoт во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Центар настанал пожар во напуштен објект. Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот. Извршен бил увид од увидна екипа.

Во ОВР Гостивар вчера во 23.25 часот К.М. (36) од Гостивар пријавил дека на ул.„ЈНА“ во Гостивар бил каснат од куче скитник.

Вчера во 18.20 часот во Полициската станица Аеродром, М.Т.(24) од Битола пријавила дека на ул.„69“ во Скопје била касната од куче скитник.

Во Полициската станица Ѓорче Петров, вчера во 21.00 часот М.М.(31) од Скопје пријавил дека на ул.„Веле Марков“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Вчера во 19.45 часот во СВР Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреда од заталкано зрно од огнено оружје бил донесен А.Ф.(35) од Скопје. Според пријавеното, додека управувал велосипед на подрачјето на Чаир, тој почувствувал болка во грбот, по што бил пренесен во медицинската установа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

Во СВР Скопје вчера било пријавено дека во 22.30 часот на подрачјето на Карпош, поради нарушени меѓусоседски односи, настанала физичка пресметка помеѓу Ф.Ј.(22), Б.Ј.(39) и тројца малолетници од една страна и Е.Г.(52), Г.Г.(23) и Х.Т.(29) од друга страна, сите од Скопје, при што биле употребени тврди и метални предмети. Подоцна било пријавено дека околу 01.55 часот во Ургентниот центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, додека Д.Ј.(52) со роднините С.Ј.(25) и И.Д.(38) чекал резултати за неговиот повреден син во претходната пресметка, биле физички нападнати од Е.Г.(52), Б.С.(43), А.С.(48), Б.С.(44) и И.Г.(36), при што употребиле метални и тврди предмети. Набргу, по преземени мерки, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на подрачјето на Центар ги лишиле од слобода Е.Г., Б.С., А.С., Б.С. и И.Г.. Додека, во Полициската станица Карпош биле приведени Ф.Ј. и Б.Ј. и тројцата малолетници. По целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против Р.Ц.(56) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 12.06.2024 на Граничниот премин Деве Баир, пријавениот на увид приложил фалсификувана меѓународна зелена карта за осигурување.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.А.(24) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 11.05.2024, пријавениот физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. аа/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан