• четврток, 19 декември 2024

Масовна прослава на Ѓурѓовден во делчевско кај месноста ,,Скокото"

Масовна прослава на Ѓурѓовден во делчевско кај месноста ,,Скокото

Делчево, 6 мај 2023 (МИА) - Христијанскиот празник Ѓурѓовден во Делчевско е масовно одбележан кај месноста „Скокото" во селото Габрово. Во чест на светецот Ѓорѓи организаторите подготвија црковен ручек за над 200 посетители, како од Габрово, така и од околните села и градот Делчево.

- Се наоѓаме на местото Света вода ,,Скокото" каде веќе петта година како го славиме Ѓурѓовден. До лани и полани бевме во помал број, а сега лека полека го доградуваме местото, нека сме живи и здрави да може да градиме повеќе, да направиме една зграда за да го сместиме инвентарот. Кај иконата на Св.Ѓорѓи планираме да поставиме и други икони и лека полека да се завршува просторот. Благодарност до сите православни верници што дојдоа да  го одбележиме Ѓуѓрѓовден и светецот Св.Ѓорѓи и честит празник на сите што го слават Св.Ѓорѓи, истакна Горан Анакиевски од село Габрово.

Според верувањата на постарите водата која извира од под карпите лекува болки во очите и нозете. На местото, како што додаде Анакиевски, планирано е да биде поставен и црковен крст како донација од сограѓанин кој живее во Скопје, а планирано е и изградба на поголема настрешница како засолниште во случај на дождливи денови.

За дел од посетителите од околните села, местото „Скокото" има туристички потенцијал.

- Убаво место, прв пат доаѓам, ама е многу убаво. Доколку има можност да се направи и зграда ќе биде туристичка атракција, ќе доаѓаат луѓе и луѓе, вели посетител од селото Ѕвегор.

Постарите готвачи кои учествуваа во подготовката на црковниот ручек велат дека е чест да се готви за народот, но за во иднина, велат, потребен е поголем интерес од младите готвачи.

- Господ здравје да дава за сите, нека биде побогато следната година. Многу добра организација. Јагнешко со ориз е годинешниот ручек, го спремаме секоја година, додека можеме ќе подготвуваме  а ако има интерес од младите, нека не побараат ќе им кажеме како се подготвува вкусен црковен ручек, истакна Ванчо Златковски од Делчево.

Меѓу присутните гости кои дадоа свој придонес во одбележувањето на Ѓурговден имаше и иселеници во Швајцарија.

- Како што гледате јас пак дојдов. Нека е на помош на сите православни и сите кои го слават, иако ја почитуваме традицијата и во Швајцарија ете гледате колку има народ. Од година во година се работи на ова место, се израмни просторот, зградичка ќе направиме, ,,од народ се прави - за народ се прави". Ги повикувам сите иселеници особено Габровци да дојдат на Ѓурѓовден овде и да бидат дел од настанот догодина, истакна иселеникот Зора Димитровска.

Кај месноста „Скокото" од три карпи се слева вода, а направен е мал извор од каде луѓето се замиваат за здравје. вс/цр

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан