• петок, 17 мај 2024

Маричиќ: ЕУ испорача временска рамка, сами одлучуваме за следниот чекор

Маричиќ: ЕУ испорача временска рамка, сами одлучуваме за следниот чекор

Скопје, 28 август 2023 (МИА) - ЕУ со нови држави членки до 2030, сами одлучуваме за следниот чекор, напиша вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на „Фејсбук“ по денешната порака од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел дека Европската унија мора до 2030 година да биде подготвена за ново проширување. 

- 2030 е годината која и ние ја определивме како целна година за членство во ЕУ, што е доказ дека со нашите европски партнери имаме иста цел. После 10 години, денес во име на сите држави членки на ЕУ првпат се зборува за временска одредница за следното проширување. ЕУ во наредните месеци треба да ги донесе клучните одлуки за проширувањето на ЕУ и за забрзување на реформите и за олеснување на проширувањето, во рамки на европските правила, напиша Маричиќ во објавата на „Фејсбук“.

Според Маричиќ, и ние како држава треба да донесеме важни одлуки за иднината на државата и заеднички да ги завршиме задачите со посебен фокус на реформите.

- Не станува збор само за државнички процес, или пак само за стратешка цел. Се работи за иднината на нашите деца и за успехот на државата. ЕУ испорача временска рамка и дава извесна европска перспектива на регионот за евроинтеграција, затоа чекањето не треба да е стратегијата што ја бираме.
Наша обврска е да го искористиме моментот и со заедништво да ги завршиме задачите, со посебен фокус на реформите, да побрзаме 2030 Северна Македонија да е држава членка на ЕУ, се вели во објавата на вицепремиерот Маричиќ. бак/

Фото: Фејсбук статус на вицепремиерот Маричиќ 

 

Остани поврзан