• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ-Памер: Австрија дава силна поддршка за напредок кон ЕУ, важно е преговорите да продолжат

Маричиќ-Памер: Австрија дава силна поддршка за напредок кон ЕУ, важно е преговорите да продолжат

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија, Мартин Памер при што разговараа за текот на скрининг процесот, уставните измени и важноста да се задржи европскиот дискурс на државата во овој момент.

Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Маричиќ на средбата посочи дека членството во Европската Унија е од национален интерес и дека Владата е посветена и прави напори државата да ја задржи на европскиот пат. Тој додаде дека „сме подготвени на тешки и темелни реформи за побрзо да ги достигнеме европските стандарди“ и дека за тоа помош имаме и од нашите европски партнери.

Новиот австриски амбасадор во земјава Памер на средбата потврди дека Република Австрија го поддржува проширувањето на Европската Унија и дека ќе продолжи да биде наш сојузник на патот кон ЕУ.

Тој изрази уверување, се додава понатаму, дека уставните измени ќе успеат и укажа дека посветеноста на процесот и искрената заложба на Владата преку преземање на конкретни чекори за исполнување на задачите за приближување кон Европската Унија, е силна потврда дека Северна Македонија треба да биде членка на ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ му посака на амбасадорот Памер успешен мандат и изрази уверување дека Северна Македонија и Австрија ќе ги зајакнуваат добрите билатерални односи и дополнително ќе ја унапредуваат соработката, особено во пристапниот процес и спроведувањето на реформската агенда, стои во соопштението. вг/аа/

Остани поврзан