• вторник, 24 декември 2024

Маричиќ на средба со Лајчак: Северна Македонија води политики базирани врз европските вредности

Маричиќ на средба со Лајчак: Северна Македонија води политики базирани врз европските вредности

Скопје, 1 март 2023 (МИА) - За нашите партнери од ЕУ, Северна Македонија е позитивен пример за решавање на отворените прашања со соседите и земја која одлучно напредува кон Унијата, констатираа на денешната средба во Брисел вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и претставникот на Унијата за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

- Водиме, се залагаме и поддржуваме политики базирани врз европските вредности, кои не гледаат назад во минатото, туку водат кон јасна ЕУ перспектива и нудат стабилност, просперитет и благосостојба за нашите граѓани, истакнал Маричиќ.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ се информирал за текот на дијалогот помеѓу Приштина и Белград и го поздравил напредокот во преговорите и новата можност да се затворат отворените прашања.

- Соговорниците потврдија дека изборот Охрид да биде место каде ќе се разговара за нормализација на односите Белград - Приштина, а премиерот Димитар Ковачевски домаќин на средбата, е доказ дека Северна Македонија е синоним за конструктивен дијалог, зрелост и одговорност во регионот, се наведува во соопштението.

На средбата е разговарано и за домашната политичка ситуација, отворените прашања во регионот и важноста со јасен план да се потврди обединувањето на Западен Балкан со ЕУ.

- Главниот преговарач со ЕУ го брифираше Лајчак за текот на скринингот и беше изразено очекување дека Северна Македонија треба брзо да напредува во реформите и да го зачува континуитетот на пристапните преговори со ЕУ, се додава во соопштението на СЕП.

Средбата со Лајчак, Маричиќ ја оствари во рамки на неговата посетата на Брисел, каде ќе учествува на билатералните скрининг состаноци за Кластерот 2 - „Внатрешен пазар“. бд/

ФОТО: Секретаријат за европски прашања

Остани поврзан