• четврток, 21 ноември 2024

„Манчевски: Пет есеи“, нова книга на режисерот Милчо Манчевски

„Манчевски: Пет есеи“, нова книга на режисерот Милчо Манчевски

Скопје, 1 февруари 2024 (МИА) - Новата книга на нашиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски насловена „Манчевски: Пет есеи“, беше промовирана вечерва во Културниот центар „Лабораториум“ во Скопје.

Книгата содржи пет есеи пишувани во различни периоди, коишто се резултат на долгогодишните размислувања на Манчевски за уметноста од позиција на уметник во повеќе области - филм, фотографија, ликовни уметности и книжевност, но и од позиција на педагог, преку неговото искуство како професор. 

Размислувањата и анализите на Манчевски резултираат со комплексни есеи кои се претставени на меѓународни конференции. Меѓу нив се и „Засновано на вистински настан: вистина и прикаска, уметност и верба“, првпат претставена на конференцијата „Филм и вера“ во Ватикан, 2011 година, есејот „Зошто сакам да пишувам и мразам да режирам: исповед на еден сценарист-режисер што се лечи“ претставена на конференцијата на професори по сценарио и режија во Потсдам 2014 година и есејот „Кога некој филм „не е доволно македонски““ од 2022 година.

Двојазичната книга (македонски и англиски) во издание на Филозофското друштво на Македонија ја промовираше професор д-р Ана Димишковска, а фрагменти од есеите читаа актерите Никола Ристески и Елена Кузманов.

- Во оваа книга авторот Милчо Манчевски, кој е за сите нас познат како автор со врвни светски достигнувања, ни овозможува да доживееме едно сосема поинакво искуство, различно од доживувањата на неговите филмови, но суштински комплементарно, рече Димишковска.

Според неа, низ целата хетерогеност на есеите, Манчевски успева да создаде една целина.

Освен промоцијата, на вечерашниот мултимедијален настан под наслов „Милчо на први втори:Фокус Манчевски“ беа проектирани и неговите наградени филмови - Четврток, (2014, САД), Крајот на времето (2017 кубанско-американски) и Бикини Мун (2017, САД).

На настанот беа презентирани и визуелни моменти од книгата „ТАМУ“, како и музика од филмовите на Манчевски. 

Вечерта ќе ја заокружи Игор Василев-Новоградска, со музика од оригиналниот саундтрак за филмот Бикини Мун. ар/бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан