• четврток, 19 декември 2024

Макрон ќе ја предводи церемонијата по повод одбележување на Денот на победата во Втората светска војна

Макрон ќе ја предводи церемонијата по повод одбележување на Денот на победата во Втората светска војна

Париз, 8 мај 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Париз ќе ја предводи церемонијата по повод 79-годишнината од победата на сојузниците над нацистичка Германија на 8 мај 1945 година, објавија француските медиуми.

Денот на победата оваа година ќе биде одбележан со зголемено обезбедување во цела Франција, бидејќи во текот на денот олимпискиот факел ќе пристигне во Марсеј во пресрет на Олимписките игри кои ќе се одржат во Париз од 26 јули до 11 август.

Според програмата, Макрон прво ќе се поклони пред споменикот, статуата на генералот Шарл де Гол, а потоа во придружба на Републиканската гарда ќе прошета по познатата авенија Шанзелизе до историскиот споменик на Триумфалната капија.

Францускиот претседател повторно ќе го разгори пламенот на гробот на непознатиот херој кај Портата.

Ќе се огласат „Ѕвоната за мртвите“, по што ќе следи едноминутно молчење, а потоа хорот на француската армија ќе ја изведе химната.

Париската полициска префектура претходно воведе посебни безбедносни мерки бидејќи Денот на победата се слави низ цела Франција.

На церемонијата ќе присуствуваат премиерот Габриел Атал, министерот за одбрана Себастијан Лекорни, како и воениот врв.

Макрон подоцна денеска ќе отпатува за Марсеј на свечен пречек на олимпискиот оган. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан