• понеделник, 23 декември 2024

Македонците најмногу пари онлајн потрошиле во Велика Британија

Македонците најмногу пари онлајн потрошиле во Велика Британија

Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци лани потрошиле 156,2 милиони евра што што претставува пораст од 46,31 проценти во споредба со 2021 година. 

Анализата што ја направи Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) врз основа на објавените податоци од Народната банка покажува дека за 21,1 процент е зголемен и бројот на е-трасакции што ги направиле Македонците купувајќи онлајн во странство.

Македонците лани најмногу пари потрошиле во Велика Британија (21,8 милиони евра), а во Луксембург направиле најголем број на трансакции (865,9 илјади евра).

- Најголемата вредност реализирана од Македонците кон Велика Британија, Унгарија и Холандија е очекувана ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Велика Британија), WizzAir (Унгарија) и Booking.com (Холандија). Ако се има предвид дека во Луксембург е регистрирана европските филијали на Amazon и АliExpress преку кои се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Велика Британија, очекуван е и најголем бројот на направените трансакции во Луксембург со најмала просечна вредност, велат од АЕТМ.

Кај бројот на остварени онлајн трансакции физичките лица учествуваат дури со 89 проценти во вкупниот број и имаат просечна вредност по остварена трансакција од 32.4 евра наспроти 124.1 евра остварена од правните лица.

Според претседателката на Асоцијацијата за е-трговија Нина Ангеловска, очекувано е и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од Македонците кон странски е-трговци.

- Секој пораст на е-трансакциите е важен за развојот на македонската е-трговија. Важно е да се менуваат навиките и сѐ повеќе граѓаните да ги користат картичките за онлајн плаќања и купувања, бидејќи кога тоа го прават за купување билети, резервации на хотели и порачки на производи од странски е-трговци сѐ повеќе ќе се навикнуваат да го прават и од домашните. А кога има поголема побарувачка, тоа ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите, вели Ангеловска. бак/нд/

Фото: АЕТМ, МИА архива

Остани поврзан