• четврток, 26 декември 2024

Македонците во Албанија го одбележаа Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј

Македонците во Албанија го одбележаа Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј

Пустец, 24 мај 2024 (МИА) - Во организација на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, а во соработка со здруженијата на Македонците со потекло од Егејска Македонија, денеска им беше оддадена почит на семакедонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, за нивното големо дело, ширењето на словенската писменост.

На настанот, што се одржа во Музејот „Стерјо Спасе“ во село Глобочани, претседателот на партијата Васил Стерјовски оцени дека солунските браќа се исклучителни личности, чие дело во ширењето на словенската писменост останува фундамент во нашата култура и образование.

-Македонците од Албанија, сме горди наследници на нивната мисија, продолжувајќи да гo чуваме и негуваме македонскиот јазик, култура и традиции. Ова манифестација е одраз на нашата заедничка решеност да го зајакнеме и сочуваме македонскиот идентитет преку границите, рече тој.

Исто така, додаде, не можеме да останеме неми на историските настани кои ги обележаа Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Нивната борба и страдања, нагласи тој, особено за време на граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, оставија длабоки рани. Поддршката на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и на секоја иницијатива за враќање на нивните права е израз на нашата солидарност и обврска кон правдата.

-Сакам да ја искористам оваа прилика, за да потенцирам дека историјата не треба да се заборави и треба активно да се работи за тоа таквите горчливи периоди никогаш повеќе да не се повторат.

Нека овој настан биде уште еден чекор кон засилување на врските и меѓусебното разбирање меѓу сите Македонци. Нека е честит и за многу години денот на македонските и сесловенските просветители, посака Стерјовски.

На свеченоста присуствуваа заменик градоначалникот на општина Пустец, Атанас Плоча, отец Алексо Темелко, како и претставници на училиштата и други гости.

Присутните ги поздравија и Ташко Јовановски претседател на Здружението за духовно обединување Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин во Македонија, професорката Нада Јурукова која зборуваше за животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, како и професорката Виолета Ачковска која во своето обраќање зборуваше за Македонците од Егејска Македонија и граѓанската војна во Грција 1946-1949 година.вт/бт/

Фото: МИА 

Остани поврзан