• недела, 22 декември 2024

Македонските ракометари изборија учество на Светското првенство 2025

Македонските ракометари изборија учество на Светското првенство 2025

Скопје, 12 мај 2024 (МИА) – Македонската ракометна репрезентација вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ги совлада Фарски Острови со 34:26 и се пласираа на Светското првенство следната година.

Разликата од осум голови беше доволна да се анулираат седумте негатива од првиот дуел од барашот за СП одигран во средата на гостински терен кој Фараните го добија со 34:27.

Селекторот Кирил Лазаров постави извонредна игра, како во нападот, така и во одбраната. Македонците покажаа голема борбеност, беа агресивни во дуелите, играа трпеливо во нападот и на крајот заслужија мундијалски билет.

По првите 30 минути Македонија водеше со 19:15, во 37. минута ги имаше посакуваните +7, а во неколку наврати водеше и со девет разлика.

Жарко Пешевски со осум погодоци беше најефикасен во победничкиот состав. Се истакнаа и Филип Кузмановски со седум, Марко Митев со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци.

За „Црвено-жолтите“ следното Светско првенство ќе биде деветти, по 17 пат ќе играат на голем ракометен настан, а задржан е и континуитетот на учество на големите натпреварувања кој трае од 2012 година. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан