• понеделник, 15 декември 2025

Македонските планинари на Пелистер го одбележаа светскиот ден на планините

Македонските планинари на Пелистер го одбележаа светскиот ден на планините

Битола, 14 декември 2025 (МИА) – Планинарки и планинари од Скопје, Куманово, Велес, Прилеп, Битола и други македонски градови, но и гости од странство, ги одбележаа светскиот ден на планините и јубилејот на планинарскиот спортскиот клуб Пелистер, 90 години од основањето на клубот во Битола.

Организирани од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и Јавната установа Национален парк „Пелистер“, над 400 планинари денес на планината Баба воедно ја промовираа и новата планинарска патека која води од селото Цапари, преку Цапарска Пресека и Палиснопје, до Копанки и Инфо центарот на Пелистер, изјави за МИА, Димче Попов, претседател на ПСК „Пелистер“-Битола

- Планините, огромните врвови и височини отсекогаш за луѓето буделе чувство на несигурност и страв како места што се недостижни или места на кои престојувале само Боговите. Но, сепак човекот секогаш се стреми да ги достигне и се искачи на најголемите височини. Затоа денес го славиме светскиот ден на планините. Но, денес е и голем празник за планинарскиот спортски клуб Пелистер бидејќи навистина 90 години од формирањето значат 90 години присуство на спортската планинарска сцена во Република Македонија. Овој голем јубилеј е остварен во различни временски и општествени збиднувања и што е најважно, клубот се одржа во континуитет и е еден од најнаградуваните планинарски клубови во Македонија. Ние се гордееме што од нашите редови произлезе првиот Македонец што се искачи на Еверест, а тоа е Димитар Илиевски Мурато, истакна Попов.

Македонските планинари и гости од странство, низ планината Баба на средно тешка патека окружена со прекрасни планински предели, густа букова и моликова шума, минаа пет часа со краток одмор во дворот на планинарскиот дом Копанки“.

- Планинарите го видоа планинарскиот дом „Копанки“ за чија реконструкција имаме помош од локалната самоуправа. Планинарскиот дом „Копанки“ е покриен и заштитен. Сега следува внатрешното ѕидање, дрвенарија и други финални работи кои ќе ни овозможат следната година да го пуштиме во употреба. Потоа продолжуваме со другите планови. Сакаме да го развиваме масовното планинарење и за таа цел имаме поддршка од Општина Битола, потврди претседателот на ПСК „Пелистер“ Димче Попов.

Во рамки на денешниот празник на планините, во чии одбележување се вклучија градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на општинскиот Совет, Бојан Бојкоски. ПСК „Пелистер“ – Битола додели признанија за истакнати планинарки и планинари, планинарски друштва и институции кои соработуваат со битолскиот планинарски клуб. мт/зс

Фото: МИА

Остани поврзан