Македонските младински кошаркарски репрезентации ги дознаа противниците во првата фаза од ФИБА еврошампионатите за 2026 година
- Три македонски селекции во машка, и една во женска конкуренција, денеска, во Фрајзинг, Германија, каде беше извршена официјалната ждрепка, ги дознаа противниците за претстојните европски младински кошаркарски првенства.
Фрајзинг, 5 февруари 2026 (МИА) – Три македонски селекции во машка, и една во женска конкуренција, денеска, во Фрајзинг, Германија, каде беше извршена официјалната ждрепка, ги дознаа противниците за претстојните европски младински кошаркарски првенства.
Машката кадетска репрезентација која ќе биде и во улога на домаќин, на ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години, кое од 6 до 15 август ќе се игра во нашиот главен град, ќе биде дел од групата „Б“. Покрај македонската во ова друштво се уште и репрезентациите на Украина, Швајцарија, Хрватска, Исланд и Кипар.
Селекцијата за кошаркари „Под 18“ години ќе биде дел од ЕП од Дивизијата „Б“ кое од 24 јули до 2 август ќе се игра во Хрватска, поточно во Риека и во Опатија. А во првата фаза на турнирот во Хрватска, ќе се соочат со противници како што се Шведска, Унгарија, БиХ и Грузија, кои се дел од групата „Д“.
Ова лето, нашиот младински национален тим ќе патува за Словачка, конкретно, до Братислава, каде во периодот од 10 до 19 јули ќе се игра евро-шампионатот од Дивизијата „Б“, за кошаркари „Под 20“ години. Првата натпреварувачка фаза македонските младинци ќе ја стартуваат во групата „А“, во која се најдоа и националните тимови на: Шведска, Ирска, Словачка и Азербејџан, информираат од .
Женскиот младински репрезентaтивен сегмент ова лето ќе го претставува нашата селекција „Под 18“ години. Македонските јуниорки ќе играат на евро-шампионатот од Дивизијата „Б“ во романската Тулчеа, во период од 31 јули до 9 август. Ждрепката ги постави во групата „Д“ во која се уште националните селекции на Грција, Словачка, Велика Британија и Данска. зс/
Фото: КФСМ