Магрете Вестагер го презема ресорот внатрешен пазар по оставката на Бретон
- Извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Магрете Вестагер во наредниот период ќе раководи и со ресорот за внатрешен пазар по оставката на еврокомесарот Тиери Бретон.
Брисел, 17 септември (МИА) – Извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Магрете Вестагер во наредниот период ќе раководи и со ресорот за внатрешен пазар по оставката на еврокомесарот Тиери Бретон.
Ова синоќа во објава на платформата Икс го најави претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.
- Ја примив и ја прифатив оставката на Тиери Бретон и му благодарам за неговата работа за време на неговиот мандат како комесар. Извршната потпретседателка Вестагер ќе го преземе ресорот на внатрешниот пазар и сите релевантни надлежности до крајот на мандатот (на ЕК), наведе Фон дер Лајен во објавата.
Бретон вчера соопшти дека поднесува оставка на функцијата европскиот комесар за внатрешен пазар, која стапува во сила веднаш, како и дека се повлекува од француски кандидат за еврокомесар.
Тој, при тоа, ја обвини Фон дер Лајен дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ, како и дека последните случување се дополнително сведоштво за нејзиното сомнително раководење. Тој во оставката тврди и дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него. ЕК одби да ги коментира ваквите тврдења, повикувајќи се на принципот на доверливост во интерната комуникација. сп/ев/
Фото: МИА Архива