• четврток, 04 јули 2024

Лукашенко најави амнестија за неколку политички затвореници во Белорусија

Лукашенко најави амнестија за неколку политички затвореници во Белорусија

Минск, 3 јули 2024 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека најверојатно ќе ослободи од затвор некои од неговите политички противници, а кои сега се тешко болни од рак.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, е еден од најблиските сојузници на рускиот претседател Владимир Путин, а неговите противници и западните групи за човекови права го обвинуваат за кршење на човековите права и затворање на противниците по различни обвиненија.

Реизборот на Лукашенко за шести мандат во 2020 година предизвика улични протести на кои тој беше обвинет за местење на изборите. Полицијата масовно апсеше демонстранти, а групите за човекови права велат дека повеќе од 25.000 луѓе завршиле во затвор во месеците по изборите.

„Немојте да се чудите ако луѓето кои ја поткопаа државата во 2020 година бидат ослободени за неколку дена. Тие се навистина болни, главно од рак“, рече Лукашенко на митингот по повод националниот празник на Белорусија, кој се одбележува денеска.

Лукашенко не ги идентификуваше оние кои би можеле да се квалификуваат за амнестија.

Опозициската група за заштита на правата „Вјасна“ наведува дека има 1.403 политички затвореници во Белорусија. Од мај, бројот на политички затвореници чие здравје е загрозено е 254, вклучувајќи 92 тешко болни и 63 на возраст над 60 години. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан