• петок, 22 ноември 2024

Лукаревска: Ова е прва седница на ЦО по изборниот пораз, најверојатно ќе се отворат многу прашања

Лукаревска: Ова е прва седница на ЦО по изборниот пораз, најверојатно ќе се отворат многу прашања

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Констатирање на оставката на претседателот Димитар Ковачевски и на целото раководство, утврдување на времената рамка за одржување на отчетен конгрес, правилниците и критериумите за изборот на новиот претседател на СДСМ, се точките за кои вечерва расправа Централниот одбор на партијата. 

- Ова е прва седница на Централниот одбор на партијата по изборниот пораз, веројатно ќе се отворат многу прашања за кои ќе се дискутира. По завршувањето на ЦО, јавноста ќе биде информирана, изјави Лукаревска.

Претседателот на СДСМ во оставка Димитар Ковачевски пред седницата во изјава за ТВ 24 рече дека на ЦО ќе се носат одлуките во врска со отпочнувањето на процесот за избор на нов претседател и ново раководство, ќе се донесат роковниците и ќе се закаже конгресот.

Портпаролот на СДСМ,  Дарко Каевски потврди дека на ЦО ќе се утврдуваат критериумите и постапката за внатрепартиските избори. 

- Како што најавивме, на 30 јуни ќе се случат внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, така што сите детали ќе ги дискутираме на ЦО. По завршување на седницата на ЦО ќе бидат објавени сите акти и се она што ќе биде донесено, рече Каевски.

По оставката на лидерот на партијата Димитар Ковачевски и на целото раководство на партијата, во понеделникот Извршниот одбор на партијата донесе одлука за распишување на вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ кои се закажани за 30 јуни. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан