• петок, 22 ноември 2024

ЛСП Гостивар: Сообраќаен ред во паркирањето и заштитата од пожари главни предизвици за ова лето

ЛСП Гостивар: Сообраќаен ред во паркирањето и заштитата од пожари главни предизвици за ова лето

Гостивар, 15 јули 2024 (МИА) – Воведување поголем ред во сообраќајот за време на престојот на печалбарите во родниот крај и поголема будност против шумски пожари се двата поважни заклучоци по седница на локалниот совет за превенција (ЛСП) во Општина Гостивар. За подобрување на состојбата во сообраќајот беше прифатено да се отворат училишните дворови за дополнителни паркинг места. Дваесетина претставниците на повеќе институции, јавни претпријатија, активисти од невладиниот сектор и полицијата кои учествуваа на втората работна седница ја анализираа и безбедносната состојба во општината.

Во излагањата на претставниците од полицијата, беше напомнато дека во овој период бројот на возила по сообраќајниците е значително зголемен и во одредени делови доаѓа до застој и отежнато движење. Покрај засиленото присуство на сообраќајната полиција, како барање беше истакнато и засилено делување на пајак службата и наплатата на паркирањето. Покрај подигањето на непрописно паркираните возила, се побара и ставање на блокатори на тркала, таканаречените „канџи“.

Од оваа недела се очекува да профункционира „пајак службата“, дворовите на училиштата да се користат како дополнителни паркиралишта.

- Една од препораките е отворање на дворовите на училиштата, каде граѓаните ќе може да ги паркираат возилата. Поголем ред се очекува и од повторното активирање на услугата за наплата на зонското паркирање. Ги повикувам граѓаните помалку да ги користат возилата и да користат алтернативни средства, како велосипеди за движење низ град, рече в.д. градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Како важен сегмент од сообраќајниот метеж и особен проблем беше посочен е недостигот од повеќе паркинг места, кои како што беше кажано се околу 800, а бројот на возила е за 40 пати поголем односно во општина Гостивар ги има над 34 илјади регистрирани возила.

Како еден од поголемите предизвици во овој период беше посочена заштитата од пожари. Дискутантите посочија дека таа засега е задоволителна и дека во овој период нема такви појави. За да се спречат поголеми штети, потребна е поголема будност и да има засилена соработка помеѓу шумската полиција, националните паркови и шумските претпријатија и институциите како ДСЗ и противпожарните служби. Советот им препорача да делуваат со дополнително следење и ангажман.

Учесниците на седницата укажаа од важноста за повисока комунална хигиена во овој период и справувањето со бездомните кучиња. Од комуналното претпријатие информираа дека во овој период се максимално ангажирани и дека се работи на проекти кои ќе придонесат за подолгорочни решенија. Едно од тие ќе биде и поставување на камери на места кои најчесто прераснуваат во диви депонии. згм/дма/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан