Лондон, Париз и Пекинг му честита на новиот премиер на Канада
- Велика Британија, Франција и Кина денеска му честитаа на Марк Карни за изборот за лидер на владејачката Либерална партија, а со тоа и за премиер.

Лондон/Париз/Пекинг, 10 март 2025 (МИА) - Велика Британија, Франција и Кина денеска му честитаа на Марк Карни за изборот за лидер на владејачката Либерална партија, а со тоа и за премиер.
Карни наскоро ќе го замени Џастин Трудо на премиерската функција.
Карни (59) вчера освои 85,9 отсто од гласовите за да стане лидер на Либералната партија, додека поранешната министерка за финансии Кристија Фриланд доби само осум отсто од гласовите.
Поранешниот банкар и политички почетник вети дека „ќе изгради нова економија и ќе создаде нови трговски односи“, но можеби нема долго да остане на функцијата бидејќи парламентарните избори во Канада треба да се одржат најдоцна до октомври.
Британскиот премиер Кир Стармер му честиташе на идниот канадски премиер, повикувајќи на „понатамошно продлабочување на односите“ меѓу нивните две земји.
-Со нетрпение очекувам да работам тесно на заедничките меѓународни приоритети, вклучително и во Г7 и заедничко продлабочување на односите меѓу Обединетото Кралство и Канада, му рече Стармер на Карни, кој некогаш беше гувернер на Банката на Англија.
Францускиот претседател Емануел Макрон му честиташе на Карни, велејќи дека билатералните врски се важни „во време кога се соочуваме со толку многу предизвици“.
Макрон му се заблагодари на Трудо за „осум години одлична соработка“.
Кинеското Министерство за надворешни работи му честиташе на Карни и го повика да води „позитивна политика“ кон Кина.
-Се надеваме дека канадската страна може да одржи објективен и рационален поглед и да води позитивна и прагматична политика кон Кина, рече портпаролот на кинеското Министерство. мс/
фото: ЕПА