• сабота, 07 септември 2024

Лимани: Вработувањата на стручниот кадар во градинките во Струга е оневозможен поради неименување на директор од страна на градоначалникот

Лимани: Вработувањата на стручниот кадар во градинките во Струга е оневозможен поради неименување на директор од страна на градоначалникот

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани вели дека вработувањето на стручниот кадар во градинката „8 Март“ во Струга е оневозможен поради неименување на директор од страна на градоначалникот Рамиз Мерко, затоа што со самото тоа што нема овластено лице во јавната установа односно директор, нема можност за вработување на кадар по ниту еден основ.

Од Министерството информираат дека е извршен вонреден инспекциски надзор и дека од 30 јули годинава нема назначено вршител на должноста или директор. 

- Со цел точно информирање на јавноста за состојбата со ЈОУДГ  „8 Март“, Општина Струга, и спречување на ширење на дезинформации кои го нарушуваат угледот и работата на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и работата на самото Министерство, ги известуваме граѓаните дека  инспекторите од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата при Министерството за социјална политика, демографија и млади извршија вонреден инспекциски надзор во ЈОУДГ  „8 Март“, Општина Струга и констатираа дека се згрижуваат деца со намален капацитет и градинката од 30 јули годинава нема ниту вршител на должноста директор, ниту директор, се наведува во соопштението од Министеството.

Оттаму појаснуваат дека извршен е и надзор над работата на органите на Општината односно градоначалникот на Општина Струга чија законска обврска е именување на вршител на должноста директор, односно именување директор на предучилишната установа и му било дадено укажување веднаш да постапи согласно неговите ингеренции од областа заштита на децата бидејќи со настаната состојба е оневозможено тековното функционирање на предучилишната  установа.

-Со самото тоа што нема овластено лице во правното лице (јавната установа) односно директор, нема можност за вработување на кадар по ниту еден основ. Согласно одредбите за заштита на децата, единствен надлежен за именување директор е градоначалникот односно општината како основач на предучилишната установа. Оттука, наводите од страна на политичката партија Левица, дека министерот Лимани ги оставил градинките во Струга без кадар, објавено во медиумите, се само неуспешен обид за девалвација и собирање на политички поени на опозицијата. Исто така, неуспешни му се и обвинувањата на градоначалникот на општина Струга, кој вината за настанатата состојба ја посочи во Министерството, се додава во соопштението.

Од политичката партија „Левица“ денеска обвинија дека министерот Лимани ги оставил градинките во Струга без стручен кадар. 

- Иако, министерот Фатмир Лимани најави дека посветено ќе работат за намалување на листите за чекање за упис во градинките, бидејќи секое дете е важно, реалноста кажува сосем друго. За жал, бројот на вработените воспитувачки и негователки се намалува, а нивното место не се пополнува ниту по заминување во пензија, а поради тоа на повеќе дечиња им е ускратено правото да можат да бидат згрижени во градинка, наведе Левица во соопштението. сст/бак/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

 

Остани поврзан