• недела, 26 јули 2026

Лидерот на турската опозиција Озгур Озел ја формира „Нова партија“ по поделбите во Републиканската народна партија

Лидерот на турската опозиција Озгур Озел ја формира „Нова партија“ по поделбите во Републиканската народна партија

Анкара, 24 јули 2026 (МИА) - Лидерот на турската опозиција Озгур Озел и 91 пратеник кои ја напуштија Републиканската народна партија (ЦХП) денеска поднесоа барање за формирање нова политичка партија, по судската одлука со која се поништи конгресот на партијата во 2023 година и Озел беше отстранет од функцијата претседател на ЦХП.

Во турското Министерство за внатрешни работи е регистрирана нова политичка организација, засега наречена „Нова партија“, а нејзините основачи наведуваат дека сакаат да ги соберат опозициските сили и да ја продолжат борбата против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објави весникот „Хуриет“.

Со 91 пратеник, „Новата партија“ би станала втора најголема парламентарна сила во Турција, зад владејачката Партија на правдата и развојот (АК), која има 277 од вкупно 600 места.

Во ЦХП останаа 44 пратеници, меѓу кои и поддржувачи на Озел и поранешниот лидер Кемал Киличдароглу, кој беше вратен од судот на чело на партијата.

„Денес ќе биде значајна пресвртница во турската политичка историја. Зад себе оставаме окупирана партија“, рече пратеникот од Анкара, Мурат Емир, по поднесувањето на барањето за регистрација.

Озел и 91 пратеник неделава поднесоа оставка од ЦХП, партијата основана од Мустафа Кемал Ататурк.

Опозицијата и организациите за човекови права тврдат дека судските постапки против ЦХП и апсењето на стотици опозициски функционери од 2024 година се политички мотивирани и вршат притисок врз опозицијата.

Турската влада ги отфрла обвинувањата и инсистира на тоа  дека судството е независно.сд/ми/

Фото:МИА архива