• недела, 22 декември 2024

Либан и Израел се поблиску до договор за поморската граница

Либан и Израел се поблиску до договор за поморската граница
Бејрут, 1 август 2022 (МИА) – Американски пратеник и либански официјални лица денеска изјавија дека Либан и Израел се поблиску до постигнување договор за поморската граница меѓу двете соседни земји. Либан и Израел официјално се во војна од создавањето на еврејската држава во 1948 година, а двете земји тврдат дека имаат право на 860 квадратни километри од Средоземното Море. Високиот советник за енергетска безбедност во Стејт департментот Амос Хохштајн, кој посредува меѓу двата соседа, денеска изрази оптимизам по средбата во Бејрут со претседателот, премиерот на привремената влада и претседателот на либанскиот парламент. Заедничката средба меѓу Хохштајн и највисоките либански лидери навестува дека договорот можеби е блиску и оти либанското политичко раководство го поддржува. Заменик-претседателот на парламентот, Елиас Бу Сааб, по средбата за новинарите изјави дека атмосферата е позитивна и оти несогласувањето се намалува. Хохштајн пристигна во Бејрут вчера за да го информира Либан за одговорот на Израел на предлогот за спорната област, претставен од Бејрут во јуни. По посетата во јуни, Хохштајн рече дека либанската влада направила „многу силен чекор напред“, презентирајќи побалансиран пристап и оцени дека може да се постигне напредок. Хохштајн по денешната едноиполчасовна средба изјави дека останува оптимист оти напредокот може да продолжи, како и во изминатите неколку недели, и оти очекува да се врати во регионот за да се постигнат конечни договори. Претседателот на Парламентот на Либан, Набих Бери, разговорите ги оцени како позитивни, а шефот на дипломатијата на преодната влада Абдалах Бухабиб изјави дека е постигнат голем напредок и дека целта е двете страни да можат да бараат гас. На Либан многу му треба договорот бидејќи се надева дека ќе ги искористи резервите на гас во обид да ја олесни најтешката економска криза во неговата модерна историја. Во неделата, либанскиот екстремистички Хезболах емитуваше видео од израелски бродови во спорното наоѓалиште на гас во Средоземното Море, привлекувајќи внимание на тензијата што владее додека двете земји преговараат за поморска граница. Либан тврди дека полето Кариш е спорна територија и предмет на преговори, а Израел смета дека тоа се наоѓа во неговите меѓународно признаени економски води. Израелската војска во јули собори три беспилотни летала на Хезболах над гасното поле Кариш. Либанскиот премиер Наџиб Микати тогаш го критикуваше потегот, велејќи дека тоа може да претставува ризик за земјата. Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах минатата недела сепак предупреди дека неговата организација може да го лоцира и нападне Кариш и кое било друго израелско гасно поле. јт/

Остани поврзан