• четврток, 09 април 2026

Либанската армија ги повика цивилите да не се враќаат во селата на југот од земјата

Либанската армија ги повика цивилите да не се враќаат во селата на југот од земјата

Бејрут, 8 април 2026 (МИА) - Либанската армија денеска ги повика цивилите да не се враќаат во селата на јужен Либан, откако Израел објави дека прекинот на огнот во Иран не се однесува на борбите против Хезболах.

„Во светлината на регионалните настани и вестите што циркулираат за прекин на огнот, Командата на армијата ги повикува граѓаните да се воздржат од враќање во јужните села и градови и да не се приближуваат до областите каде што напредувале израелските окупаторски сили, со цел да се зачува нивната безбедност, особено затоа што можат да ги изложат своите животи на опасност од тековните израелски напади“, објави Командата на либанската армија, пренесена од  Либанската национална агенција (ННА).

Командата, исто така, ги повика жителите да ги почитуваат упатствата на распоредените воени единици и да бидат внимателни со неексплодираните убојни средства и сомнителните предмети што останале од израелската агресија, и да ги пријават во најблискиот воен центар или други безбедносни сили.

Пакистанскиот премиер, кој беше клучен посредник меѓу Вашингтон и Техеран, синоќа објави дека прекинот на огнот во Иран ќе се однесува и на Либан.

Меѓутоа, канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху издаде соопштение во кое се вели дека тоа не се однесува на Либан, а утрово либанските медиуми објавија нови израелски напади.сд/аб/

Фото:МИА архива

Остани поврзан