• недела, 22 декември 2024

Лекарот обвинет за смртта на Метју Пери, продолжува со медицинската дејност

Лекарот обвинет за смртта на Метју Пери, продолжува со медицинската дејност

Лос Анџелес, 22 авгyст 2024 (МИА) - Неодамна пет лица беа уапсени во врска со смртта на познатиот глумец Метју Пери. Меѓу нив е и докторот Салвадор Пласенсија (42), обвинет дека на Пери му дал скоро 20 ампули „Кетамин“, неколку недели пред неговата смрт, пишува „Јунилад“ (Unilad).

Д-р Пласенсија се изјасни невин по една точка, за непрописно снабдување со лекот. Кауцијата потоа беше одредена на 100.000 долари. Адвокатот на докторот, Стефан Сакс потврди дека лекарот, всушност, планира и да ја продолжи својата медицинска дејност во клиниката за итна нега. Правниот застапник не откри повеќе подробности за тоа кога Пласенсија ќе се врати, објави „Ен-би-си њуз“ (NBC News). 

Обвинителството тврди оти д-р Пласенсија ги снабдувал Пери и неговиот помошник Кенет Ивамаса со „Кетамин“. Се тврди и дека им зел 55.000 долари за тоа од 20 септември 2023 година до 28 октомври 2023 година - денот кога глумецот од ТВ-серијата „Пријатели“ почина.

Судијата рече дека д-р Пласенсија ќе мора, на влезната врата на неговата клиника, да постави табла со известување за судскиот случај што е во тек, за пациентите да бидат запознаени со случајот. Покрај тоа, неговите пациенти при секоја посета ќе мора да потпишат формулар во којшто ќе се наведе дека ги разбираат обвиненијата против лекарот и се согласуваат на лекување.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан