• петок, 22 ноември 2024

Левица: Семејното насилство да се гони по службена должност - потребни се итни промени на Кривичниот законик

Левица: Семејното насилство да се гони по службена должност - потребни се итни промени на Кривичниот законик

Скопје, 4 ноември 2024

Системските пропусти деновиве дозволија убиство на уште една жена! Причините за фемицид се исти, убиствата сѐ почести, а властите упорно не наоѓаат за сходно нашето законодавство да го насочат кон искоренување на очигледниот суштински проблем.

Постојниот Кривичен законик за случаи на телесна повреда при вршење насилство врз жена или семејно насилство предвидува гонење по предлог на жртвата. Ова им остава простор на жртвите под притисок од насилникот, под страв или како резултат на психичко растројство од извршеното насилство – да ја повлечат пријавата, да се прекине постапката и извршителот на насилството да остане без казна, на слобода, претставувајќи закана за жртвата.

Затоа, го повикуваме Министерот за правда од ЗНАМ, Игор ФИЛКОВ, без одложување да иницира измени на Кривичниот законик, во насока на запирање на овој монструозен хаос поради кој жените се обесхрабрени да го пријавуваат насилството. Потребни се мали измени со коишто стореното кривично дело „телесна повреда“, нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето ќе биде целосно препуштено на надлежните органи и ќе се гони по службена должност, а сторителот ќе биде со сигурност казнет.

И убиството на 29-годишната штипјанка е последица на низа насилства од страна на (сега веќе) убиецот којшто претходно бил пријавуван пред надлежните институции, но бидејќи  жртвата го повлекувала предлогот – постапките запирале и насилникот останал неказнет, за сега да еволуира во убиец.

Токму тоа го покажуваат и анализите – само 2% на насилство се пријавува кај надлежните институции, а и оној мал број на пријави не завршуваат соодветно, поради повлекување на предлогот од страна на жената-жртва на насилство и запирање на постапката.

Жените жртви на семејно насилство не смеат да останат незаштитени и сами во нивната институционална борба против насилникот, која што борба пак, де факто значи борба за живот. Законодавството и надлежните мораат да се постават на страна на жртвата и да создадат безбедна средина, искоренувајќи ја храброста на насилниците да се претворат во потенцијални убијци.

Левица

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Левица
 

Остани поврзан